Ексминистерот Миле Јанакиески, обвинет за одмаздничкото минирење на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски заедно со избеганиот експремиер Никола Груевски во случајот „ТНТ“, денеска донесе вештак, информатичар од Славјанскиот универзитет во Свети Николе, со кој сакаше да ги оспори смс-пораките со целиот план и со уривањето на објектот. Во смс пораките кои веќе се читаа во Основниот суд Скопје 1, се и наредбите, целата организација од Јанакиески и притисоците што побрзо да се урне објектот по наредба на Груевски.
Вештакот Орце Симов одговараше на прашања на Јанакиески, за тоа кои се начините на незаконско пресретнување на смс пораки меѓу две лица.
„Незаконски смс пораки може да се пресретнат од многу страни. Со специјални уреди и електромагнетни бранови може да се пресретнат смс пораки во просторот што се разменуваат меѓу две лица. Може и со копирање на картичка од мобилен телефон, па копијата ќе ги прима пораките. Нелегално пресретнување може да, се врши и до ‘нокиа 3310’, мобилен телефон кој може да се најде на пазарите. Овој мобилен со помош на компјутер може да ги следи комуникациите на кој било број“, рече вештакот повикан од Јанакиески.
Трет начин незаконски да се пресретнат смс пораки меѓу две лица е да се следат комуникациските канали на мобилните оператори. Може од тие канали да ги земе податоците, рече Симов.
Мехмед Сефери е адвокат по службена должност на избеганиот Никола Груевски, кому му се суди во отсуство.
С. К. ДЕЛЕВСКА