Советниците од Општина Велес побараа од локалната власт да се распише меѓународен тендер за набавка на мониторинг станици за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух на пет локации во градот. Ова е заклучок од седницата на која се расправаше за квалитетот на животната средина во Велес, а по реакциите на граѓаните за работата на варницата „Техно павер“ и за пожарот во „Маслодајна“.
Целта е транспарентно да се следи состојбата со можно загадување на воздухот од индустријата, домаќинствата и сообраќајот, пишува во документот.
Во Велес моментално работи само една мерна станица, на Министерството за животна средина, но и таа мери само со два параметра, додека ПМ 10 честичките не се мерат од лани во јули.
Се побара и информација од Државниот инспекторат за животна средина дали „Технопавер Скопје – каменолом Превалец Велес“ го исполнил условот 6.1.8 од А-интегрираната еколошка дозвола, со кој се пропишува дека е потребно да се постави најмалку една мерна станица во најблиската станбена зона, која се наоѓа во правец на ветерот.
П. ПЕЧКОВ