Најзначајните и најпознатите книги за Власите се објавени на интернет страницата за дигитални ресурси за влашкиот јазик и култура aromanski.manu.edu.mk , која денеска беше претставена во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на трибината насловена „Влашки јазик и значење“. Дигиталниот архив е проект на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ во МАНУ, и е една од целите на заедничкиот проект со Српската академија на науките и уметностите (САНУ) „Семејно помнење и културно наследство: Ароманци (Цинцари, Власи) во Србија и Македонија“.
Раководител на проектот од македонска страна е професорот Марјан Марковиќ од Центарот, дописен член на МАНУ, а главни соработниици се универзитетските професори Јоана Хаџи Лега од Филолошкиот факултет и Даворин Трпески од Институтот за етнологија од Природно-математичкиот факултет, а соработници се Јана Михаилова, Марија Николова, Николче Мицкоски и проф. д-р Виктор Фридман од Универзитетот во Чикаго како меѓународен консултант.
На страницата има публикации, аудио и видеозаписи, како и фотогографии од крајот на 19. век до првата половина на 20. век, како Абецедарот на Хаџи Стерјо од 1864, една од најпознатите книги од Густав Вајген од 1895, Басните од Перикле Папахаџи од 1905, Ароманската антологија од Таки Папахаџи, една од најзначајните лингвистички книги за Ароманците од Теодор од 1932, Новиот завет на влашки, едно од изданијата на Четиријазичникот.
„Материјали за публикациите добивме со помош на професорот Виктор Фридман и Библитеката на Универзитетот во Чикаго, која е една од најголемите и има многу материјали и за македонскиот јазик, за влашкиот, алабанскиот, како и некои други патишта. Би сакал да кажам дека во периодот кога во Македонија твореле Пулески, Мисирков и други значајни дејци, токму преродбата на балканските народи одела паралелно, и истовремено се случувало исто и со влашкиот јазик“, рече Марковиќ.
Тој продолжи дека во рамки на Центарот имаат собрано материјали за македонските дијалекти од дваесетина населени места во државава, а сега пробуваат да видат што е останато и што се зборува во моменот во трите региони каде што има влашко население – Охридско-Струшкиот, Источниот Регион и Централно-Западниот Регион – и да го зачуваат во дигитална форма.
„Овој сегмент е многу важен и поради фактот што бројот на говорители на влашкиот константно се намалува. Од друга страна, нивната возрасна граница постојано се зголемува. Сметаме дека ќе биде голема цивилизациска штета на еден јазик кој оставил толкава трага во развојот на балканската јазична заедница да му се случи неповратно исчезнување. Затоа УНЕСКО го става во режим на заштита пред изчезнување“, кажа Марковиќ.
Според професорката Јоана Хаџи Лега, Власите се важен балкански народ кој оставил значајни траги во сите сфери на културо-општественото живеење на овие простори.
„Во Србија станува збор за два слоја на влашкиот јазик. Двата слоја добро се интергрирале во српскиот општествен контекст.. За разлика од Србија, во Македонија влашкото населениот е побројно, со признати права и со различни облици на општествено-политичкиот живот“, рече таа и додаде дека билетаралниот проект почнал на 1 јануари 2019, а ќе заврши на 31 декември 2021.
„Проектот се одвива на територијата на Србија и Македонија и се однесува на системско мапирање и архивирање на семејното помнење на ароманските семејства, пред сè по пат на интервјуа и собирање аудио и визуелни материјали поврзани со ароманскиот (влашкиот) јазик и култура. Во рамките на проектот се вршат заеднички истражувања и собирање материјали кои се дигитализираат и се вклучуваат во дигиталниот архив на ресурси за проектот. Сето тоа ќе придонесе кон создавање на една голема база на податоци за семејното помнење на ароманските семејства, поврзани со ароманската традиција и култура на териториите на Србија и Македонија“, рече професорката Хаџи Лега.
Б. НЕСТОРОСКА