ГРЧКИ ФИЛМОВИ И МУЗИКА ОД ЧЕТВРТОК ВО КИНОТО МИЛЕНИУМ ВО СКОПЈЕ

    ГРЧКИ ФИЛМОВИ И МУЗИКА ОД ЧЕТВРТОК ВО КИНОТО МИЛЕНИУМ ВО СКОПЈЕФилм за отворање е црната комедија „Витез“, на наградуваната грчка режисерка со европска кариера, Атина Цангари. Филмот е за шестмина мажи кои се на риболовна екскурзија на луксузна јахта среде Егејското Море

    Шест долгометражни играни и документарни филмови од новата грчка продукција ќе се прикажат на Фестивалот на грчка култура во Скопје, кој ќе трае од 24 до 27 октомври во киното Милениум.
    Ова е второ претставување на грчката филмска уметност во државава, откако во 2017 беше организирана ревија на грчки филмови.

    Константинос Прокакис од Aмбaсадата на Грција вели дека целта на овој културен настан е прв чекор во однос на зближувањето и запознавањето на двете земји.

    „Филмот го сметам за едно цврсто и плодно тло кое би родило меѓусебно разбирање и запознавање на двата народа и сметам дека овој фестивал е добар почеток за тоа“, вели Прокакис (Фото: Фестивал на грчка култура)

    „ Ова е начин да се види како живеат луѓето во Грција, од другата страна на границата. Запознаен сум со фактот дека луѓето од Северна Македонија многу често одат на одмор во Грција, но сметам дека тоа е малку за овие две земји да се запознаат и здружат, бидејќи едно е кога туристички ја посетувате земјата, а друга е кога одблизу ќе го видите секојдневниот живот, обичаи и култура. Затоа сметам дека овој филмски фестивал е добра можност за зближување и премостување на разликите меѓу двете земји. Меѓудругото би истакнал и дека филмот, односно кинематографијата ги сметам за едно цврсто и плодно тло кое би родило меѓусебно разбирање и запознавање на двата народа и сметам дека овој фестивал е добар почеток за тоа“, вели Прокакис.

    Филм за отворање е црната комедија „Витез“, на наградуваната грчка режисерка со европска кариера, Атина Цангари. Во наредните денови ќе се прикажат и: „Смак“ на Елијас Деметриу,  „Следна станица: Утопијa“ на Апостолос Каракасис, „Нејзина работа“ на Никос Лабот, „Неправеден свет“ на Филипос Цитос и „Поликсени“ на Дора Масклавану. Сите филмови се тематски разнолики, но сепак доминираат теми кои реферираат на актуелната стварност во Грција особено во однос на економската криза која го зафати грчкото општество последнава декада.

    В петок во Клуб ресторанот МКЦ концерт ќе има познатиот грчки музичар и текстописец Фоивос Деливоријас со својот бенд. Тие ќе изведат перформанс со песни кои се дел од  Дасиновата „Фаедра“, „Ремпетико“ на Фери, Казановиот „Америка Америка“, „Јастог“ на Лантимос или од старите популарни грчки мјузикли и филмовите на Тео Ангелопулос.

    Фестивалот на грчка култура го организира Здружението за промовирање на филмската уметност и култура „Арт синема Скопје“ и Меѓународниот филмски фестивал Киненова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира