Премиерот Зоран Заев кажа дека според член од Договорот од Преспа, промената на личните документи на граѓаните е врзана со отворањето поглавја од преговорите со Европската унија. Тој вели дека тоа не е случајно ставено во Договорот од Преспа, бидејќи договорот бил направен и заради евроатлантските перспективи.
„Имаме конкретни поглавја, односно членови во Договорот од Преспа, кој што сега е закон, каде што имплементацијата на договорот е врзана со поглавјата кои Република Северна Македонија требаше да ги отвори со Европската унија. Тоа се однесува, уште еднаш да напоменам, на личните документи на граѓаните, еве кажувам пример. Тоа не е случајно ставено, затоа што на крајот Европската унија беше вградена во овој договор. Целиот договор се постигна за пријателството меѓу нашата земја и Грција, но и заради нашите евроатлантски перспективи. Верувам дека тоа е уште една причина да се убрза процесот на отворањето преговорите со ЕУ за да може во еден таков амбиент да се реализира 100% Договорот од Преспа“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по неговото сведочење во Кривичниот суд за масовното нелегално прислушување, за можно забавување на имплементацијата на Договорот од Преспа.
Станува збор за став 10 од член 1 од Договорот од Преспа, кој гласи:
Во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од властите на Втората страна, Страните се согласни да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“:
„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба.
„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.