Десет лица односно дефектолог, психолог и педагог од септември ќе бидат ангажирани во три основни училишта во општина Аерoдром за помош на во образовниот процес на деца со посебни потреби. Лицата што ќе бидат одбрани на конкурсот ќе бидат ангажирани со скратено работно време од 20 работни часa неделно за период од 9 месеци. Огласот е објавен денес и трае до 14 август.
Ангажираните лица ќе бидат задолжени за следење на учениците со посебни образовни потреби, на кои им е потребна дополнителна стручна помош за успешно адаптирање и ресоцијализација преку најразлични вежби и индивидуална работа.
„Целта на овој проект е да ја подобри грижата за децата со посебни образовни потреби за нивна уште поголема инклузија во образовниот процес и непречено одвивање на сите образовни активности во три основни училишта на територијата на Општина Аеродром, и тоа ‘Ѓорѓија Пулевски’, ‘Лазо Ангеловски’ и ‘Александар Македонски’“, велат од Општина Аеродром.
Вработување на стручни лица во училиштата е дел од проектот „Унапредување на воспитно-образовниот процес и секојдневната грижа на децата со посебни образовни потреби“ во организација на Општина Аеродром, Агенцијата за вработување и УНДП.
А. АНТЕВСКА