10 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА 17-ГОДИШНАТА ДЕВОЈКА КОЈА ГО УБИ 16-ГОДИШНОТО МОМЧЕ ВО ТЕТОВСКО БАЊИЧЕ

    10 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА 17-ГОДИШНАТА ДЕВОЈКА КОЈА ГО УБИ 16-ГОДИШНОТО МОМЧЕ ВО ТЕТОВСКО БАЊИЧЕМалолетничката доби казна затвор за деца во траење од 10 години. (Фото: СДК.МК)

    Основниот суд во Тетово денеска неправосилно ја осуди на 10 години затвор на 17-годишната девојка која го уби 16-годишното момче кое било нејзин пријател. Бидејќи станува збор за малолетни лица, судењето беше затворено за јавноста, а денеска одлуката за изречената казна судот во Тетово ја објави на неговата веб страна.

    „Основниот суд Тетово денес донесе пресуда за настанот случен на ден 21.12.2022 година на местото викано Бањиче, во кој е лишен од живот детето Б. Х. на возраст од 16 години, а за кој настан постапката се водеше спрема дете во судир со законот на возраст од 17 години, за кривично дело Убиство по чл. 123 ст.2 т.1 од КЗ. Судот донесе пресуда со која детето во судир со законот е огласено за виновно и изречена му е казна Затвор за деца во траење од 10 години“, се вели во соопштението од Основниот суд во Тетово.

    Кога се случи убиството, првин 16-годишното момче од Ново Село, Тетовско се водеше како исчезнато, а полицијата и тетовските пожарникари со неколку екипи неуморно трагаа по него. На 22 декември, полицијата соопшти дека безживотното тело на момчето било најдено во реката Пена во близина на месноста Бањиче. По извршениот увид било констатирано дека не се работи за несреќен случај туку за убиство, по што Обвинителството покрена постапка поради сомнение за сторено убиство за кое е обвинета 17-годишна девојка од село Рогле, Општина Желино.

    Дента кога исчезнало 16-годишното момче, таа била со него во автомобил Бањиче. Според непотврдени информации, додека двајцата седеле во автомобилот на момчето, настанала расправија во која девојката го удрила момчето и му нанела смртни повреди. Потоа, за да го прикрие убиството, го извлекла телото на момчето од автомобилот и го фрлила во реката Пена.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира