Основниот суд во Штип денеска ја соопшти пресудата за Авни Абдуљи од Скопје, кој доби 11 месеци затвор за насилство откако влета на фудбалскиот јуниорски натпревар Брегалница-Шкупи, при што нападна и повреди двајца млади фудбалери. Кривичниот законик за вакви дела предвидува казна и до пет години затвор.
Други детали за оваа пресуда не се соопштени. Портпаролот на Основниот суд во Штип, Саше Георгиев, рече дека и тој ги нема деталите, а комплетната пресуда ќе биде објавена за неколку дена, кога ќе се знае и образложението, кое треба да каже дали за време на судскиот процес имало менување на исказот на родителите на повредените деца, односно кои моменти и факти директно влијаеле врз пресудата. Основната јавна обвинителка Татјана Кацарова рече дека кога ќе ја добијат пресудата, тогаш ќе кажат дали ќе се жалат или не.
Настанот се случи на 24 август за време на фудбалскиот натпревар помеѓу младинските екипи на Брегалница од Штип и Шкупи 1927 од Скопје, кога по еден дуел на теренот, таткото на гостинскиот фудбалер влегол на теренот и според бројната публика, насилнички им се нафрлил на двајца домашни фудбалери и мечот бил прекинат. Повредените фудбалери биле однесени во Клиничката болница во Штип, а насилникот притворен.
„Со своите дејствија обвинетиот ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи на тимот на Бргалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Инцидентот се случил во 89. минута, кога судијата поради прекршок му доделил втор жолт картон и го исклучил од игра синот на обвинетиот. Незадоволен од одлуката, прво синот се однесувал неспортски и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од домашните фудбалери. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца од домашниот тим, нанесувајќи им телесни повреди. На игралиштето потоа влегле и други лица од публиката кои спречиле ескалација на настанот“, кажаа од ОЈО Штип на 25 август.
Со експресна одлука тогаш се огласи и Фудбалската федерација на Македонија, која го казни играчот на Шкупи, Абдуљи Леарт, со исклучување од фудбалската организација, а неговите соиграчи Рамадани Ибрахим и Новобрдалија Амар, кои исто така извршиле физички напад, со тримесечна забрана за играње. Играчот на Брегалница, Симеон Гоцев, доби суспензија од четири натпревари.
ФФМ утврди и организациска и колективна одговорност на двата клуба и против нив се поведени дисциплински постапки. Таква постапка е поведена и против Алејса Виши, координатор за млади категории во ФК Шкупи, кој внесол лажни информации во Комет системот, при што како шеф на стручниот штаб и кондициски тренер биле заведени лица кои воопшто не присуствувале на натпреварот.
Т. ЈОВАНОВСКИ



