12 ГЛУМЦИ ГО ОДРЖУВААТ РЕПЕРТОАРОТ НА ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР, ДИРЕКТОРОТ СЕ НАДЕВА НА НОВИ ВРАБОТУВАЊА

    12 ГЛУМЦИ ГО ОДРЖУВААТ РЕПЕРТОАРОТ НА ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР, ДИРЕКТОРОТ СЕ НАДЕВА НА НОВИ ВРАБОТУВАЊАСцена од претставата „Четири соби“ во режија на Синиша Евтимов. (Фото: Велешки театар)

    Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ има недостиг на актери и потребни се нови вработувања, велат од установата. За потребите на претставите ангажирани се неколку млади дипломирани актери. Директорот на Театарот Жарко Спасовски вели дека побарал ангажирање нови актери.

    „Конкурираме до Министерството за култура. Реално, ние како театар сме десеткувани. Постојниот репертоар го крепиме со 12 глумци. Очекувам дека догодина ќе имаме барем четири нови вработувања, кои реално се во ансамблот како хонорарци. Ним местото им е тука, тука треба да бидат“, кажа Спасовски.

    Неодамна во театарот, по премиерата на Охридско лето, се изведе велешката премиера на преставата „Рацин“, а по долги години се врати и детска претстава, „Мачорот во чизми“. До крајот на годинава ќе има премиери на „Детектор на лаги“ во режија на Ненад Витанов, како и новогодишна детска претстава. Сите се финансирани од сопствени средства на театарот.

    Ќе се одбележи и 100. изведба на „Синиот портокал“ која се игра од 2017. На 20 декември пак ќе се одбележи 10-годишнината од пуштањето на зградата на Велешкиот театар.

    За следната година за годишната програма театарот конкурира со пет претстави, кои би ги режирале Владимир Милчин, Синиша Евтимов, Александар Ивановски, Елеонора Теова и Борче Василевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира