12 ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ СЕ ЗДРУЖИЈА ЗА ДА ГО СПАСАТ ВОДНО

    12 ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ СЕ ЗДРУЖИЈА ЗА ДА ГО СПАСАТ ВОДНОГраѓанските иницијативи денеска до Владата, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и Град Скопје доставија четири барања меѓу кои и вклучување во работната група за наоѓање заедничко решение и побараа да престанат градежните работи на Водно за изградба на гасоводот од Скопје до Гостивар (Фото: Фејсбук)

    Дванаесет граѓански иницијативи од Скопје побараа да престанат градежните работи на Водно за изградба на гасоводот од Скопје до Гостивар и нивно вклучување во работната група формирана од Владата. Граѓанските иницијативи денеска до Владата, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и Град Скопје доставија четири барања со цел да се престане со континуираното уништување и деградирање на парк шумата.

    Тие бараат да бидат вклучени во работната група формирана од Владата за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на гасовод, отстранување на градежната механизација од Водно, утврдување на границите на парк шума и нивно јасно обележување на терен, како и усогласување на статусот на заштита со тековниот Закон за заштита на природата.

    „Сведоци сме на континуирана злоупотреба на заштитената зона и непочитување на дефинираните граници на парк шумата Водно, а гасоводот како проект низ сртот на Водно само ја прели чашата бидејќи претставува уште еден сериозен удар врз опстанокот на Водно како оаза на зеленило и чист воздух. Изградбата на трасата на Магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар преку сртот на Водно, за нас граѓаните, е неприфатливо решение бидејќи со градежните зафати трајно ќе се уништи голема површина на која има шума, ќе се измени ликот на планината и сериозно ќе се загрози био хабитатот на живиот свет на Водно“, велат од граѓанските организации потписнички на барањето.

    Во писмото до Владата се вели дека за граѓаните неприфатливо е објаснувањето од инвеститорот дека одлуката за минувањето на трасата по сртот на Водно е само затоа што таа опција е најефтино решение.

    „Водно е конкретен пример каде што од оваа Влада се бара да премине од збор на дело во однос на транспарентноста и вклучувањето на граѓаните во одлуки кои ги засегаат“, се вели во барањето на 12 граѓански иницијативи за спас на Водно.

    Во граѓанската иницијатива „Спас за Водно“  се обединија „O2 Коалиција“, „Стоп на загадувањето“, „Ние Сме Карпош 4“, „Воздух сега!”, „Спас за Кисела Вода“, „Скопје смог аларм“, „Скопје бара чист воздух“, „Граѓанска група КАРПОШ 3“, „Зелено Тафталиџе“, „Здравјето пред профит за Центар“. Тие најавуваат дека со ова здружување за спас на Водно ќе почне заедничка соработка на повеќе фронтови, бидејќи очигледно е дека проблемите на сите скопски општини се слични, а реакциите на сите општински власти еднакво неефикасни и не во корист на граѓаните, па очекуваат дека делувањето као поголема граѓанска иницијатива ќе продонесе за поголема видливост во јавноста.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира