Со ешерихија коли, бактерија од фекално потекло, се заразиле жителите од три гевгелиски села, бидејќи водата за пиење од водоводот била контаминирана. 120 луѓе, жители на селата Стојаково, Селемлија и Богородица, викендов побарале медицинска помош поради болки во стомакот. Девет од нив биле хоспитализирани, а двајца се уште се во болница. Во овие три села живеат околу три илјади граѓани.
Водата од водоводниот систем во овие три села е забранета за пиење, а здравствените власти не знаат дали по дефектот на водоводната мрежа ЈКП „Комуналец“ од Гевгелија извршил задолжително хиперхлорирање на водата.
„Од 120 лица кои тогаш побарале лекарска помош, а гравитираат кон овие три села, 38 биле препратени во Гевгелиската Болница со средно и тешка симптоматологија , девет биле задржани, а две лица се уште се хоспитализирани. Тие се жалале гадење интензивно повраќање, болки во стомакот, течни столици со интензитетот во првите часови од 5-6 столици и опасност од дехидрација“, вели д-р Сашко Олумчев, епидемиолог и раководител на подрачна единица на Центарот за јавно здравје Велес-Гевгелија.
Центарот за Јавно здравје Велес утврдил дека жителите од трите села се заразиле од водата во заедничкиот водовод, по што веднаш е наложено да се хиперхлорирање на водата за пиење.
„Констатиравме дека на 25-ти август дошло до дефект на главниот цевковод кој ги снабдува овие три села од пумпната станица ‘Вардар’. Земени се мостри пред и по него, како и мостри од пациенти на преглед во Итната медицинска помош. Истражувањата покажаа дека во водата во Стојаково и во Селемлија нема резидуален хлор, а во водата во село Богородица имало хлор. Утврдено е присуство на колиформни бактерии со висок титар, односно присуство на бактерија од фекално потекло-ешерихија коли“, рече д-р Тони Димитриев в.д. директор на Центарот за јавно здравје Велес .
Високи количини од бактеријата ешерихија коли во водата за пиење во Стојаково е утврдено и во испитувањата што Центарот за јавно здравје Велес ги направил и по четири дена. Во водата за пиење во другите две села при повторените анализи не се најдени бактерии. Во тек се анализите од мострите на водата за пиење земени вчера, а за да се даде дозвола луѓето да ја употребуваат треба два пати по ред резултатите ад бидат негативни
„Водата од водоводот во овие три села и натаму не се препорачува за пиење. Треба да се пие флаширана или ако се дистрибуираа од цистерни“, вели д-р Анастасија Иванова, микробиолог од Центарот за јавно здравје Велес.
П. ПЕЧКОВ