13 ГРАЃАНИ УТРОВО КАЗНЕТИ ПО 45 ЕВРА ОТИ СО КОЛА ТРГНАЛЕ НА ВОДНО

    13 ГРАЃАНИ УТРОВО КАЗНЕТИ ПО 45 ЕВРА ОТИ СО КОЛА ТРГНАЛЕ НА ВОДНОПо изрекување на казната, полицајците на граѓаните им даваа флаери на кои беше наведена мерката за забрана на движење на возила и распоредот на возниот ред на автобусите кои возат до Средно Водно . Потоа беа враќани назад.(Фото:А.Антевска)

    Тринаесет граѓани се казнети до 13 часот поради непочитување на забраната за движење на возила до Средно Водно.

    Сообраќајната полиција денеска ги казнуваше граѓаните кои со возила се упатуваа кон Средно Водно. Екипи од Министерството за внатрешни работи беа на видиковецот пред Средно Водно и од страната на Нерези после комплексот Македонско село.

    И покрај тоа што до локацијата каде што стоеше полицијата има два знака на кои е наведена забраната, граѓани со возила се упатуваа кон Водно. Тие им се правдаа на полицајците дека минатиот викенд немало полиција и затоа дошле со кола.

    По изрекување на казната, полицајците на граѓаните им даваа флаери на кои беше наведена мерката за забрана на движење на возила и распоредот на возниот ред на автобусите кои возат до Средно Водно. Потоа беа враќани назад.

    „До 13 часот казнети се 13 граѓани кои не ја почитуваат мерката за забрана на движење на возила на Водно за време на викендите и државни празници. Им беше изречена мерка за постапување спротивно на сообраќаен знак. Казната е 45 евра или 25 казнени бода. Сите граќани се казнети на потегот од центарот на Скопје кон Средно Водно. Во делот кај манастирот Свети Пантелејмон немаше граѓани кои со возила се упатуваа кон Средно Водно“, велат од Министерството за внатрешни работи.

    Град Скопје мерката за забрана за движење на возила кон Средно Водно ја воведе пред три недели, со цел заштита на парк шумата Водно. Оттогаш пуштени се две нови автобуски линии кои беспатно возат до Средно Водно, а исто така воведено е и бесплатно паркирање на паркиралиштата кај почетниците станици на линиите.

    Минатиот викенд на Водно немаше полиција. Од МВР тогаш рекоа дека биле ангажирани за протестот на ВМРО-ДПМН, па паркингот на Средно Водно беше полн со возила.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира