16-ГОДИШНИОТ САШО ЈАНДРЕСКИ СОЗДАДЕ ШПРИЦ ШТО МЕДИЦИНАРИТЕ ЌЕ ГИ ШТИТИ ОД БОЛЕСТИ

    16-ГОДИШНИОТ САШО ЈАНДРЕСКИ СОЗДАДЕ ШПРИЦ ШТО МЕДИЦИНАРИТЕ ЌЕ ГИ ШТИТИ ОД БОЛЕСТИШприцот иновација на ученикот Сашо Јандрески овозможува здравствениот работник да нема контакт со пациентот при давањето на терапијата, со што се заштитува од можни зарази. (Фото: Принтскрин од видео)

    Сашо Јандрески има само 16 години, а успеа да измисли уникатен шприц што ќе ги штити медицинските лица од зарази при инјектирање терапија.  Тој е ученик од втора година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, а веќе има повеќе години волонтерска работа во Итната медицинска служба и во болницата „Борка Талески“ во Прилеп. Работејќи заедно со медицинските лица, кои секојдневно доаѓаат во допир со најразлични болни, кај него се родиле идејата да направи шриц и да го заштити животот на медицинарите.

    „Мотото на шрицот е иднината е во сите нас, да бидеме креативни и да создадеме што подобри работи за нашата држава и за целиот свет. Користа е во тоа што нема контакт пациентот со здравствениот работник при давањето на терапијата. Зараза со хепатитот Б и Ц е елиминирана на нула. Во некои моменти не можеме да ги спасиме животите на некои луѓе, мораме да се потрудиме барем оние здравствени работници кои се најмногу посветени на својата работа и на хуманиот позив во животот да ги заштитиме максимално. Да не ги заборавам и ветеринарите, сите фармацевти, лаборанти“, вели ученикот иноватор.

    Изумот е наречен по него, Јандреев шприц. На него работел 11 месеци. (Фото: Принтскрин од видео)

    Изумот е наречен по него, Јандреев шприц. На него работел 11 месеци. Може да се користи за секаков вид терапии – дермална, епидермална, мускулна, интравенозна, само не со браунила. Позитивно мислење дал и министерот за здравство Венко Филипче.

    „Шприцот функционира под дејство на притисок, притисочната рачка излегува, иглата излегува во иглената комора, под дејство на ротација се ослободува самата игла, потоа се дозира, се вбризгува, односно се инјектира во самиот мускул. По аплицирањето на лекот се повлекува иглата и влегува во волуменската капсула, доаѓа до блокаторот, со тоа што се блокира целиот шприц“, објаснува Јандрески.

    Јандрески на презентацијата на шприцот. (Фото: Принтскрин од видео)

    Тој додава дека лицата кои користат наркотици, од каде 60 проценти излегува хепатитот Б и Ц, со овој шприц ќе бидат апсолутно заштитени од тие болести зашто ќе можат да го искористат само еднаш. Поради блокаторот што го содржи не може да се употребува повеќе пати. Запазена е и еколошката страна, зашто може да се изработи и од биоразградувачка пластика. Прототипот е патентиран и Јандрески посакува во иднина да се произведува не само во нашата држава туку и низ целиот свет.

    Во пронајдокот му помогнале и три професорки, предводени од  Наташа Милеска-Михајлоска професорка по биологија во Основното училиште „Климент Охридски“ во Прилеп. За неа Сашо вели дека му ја всадила љубовта кон медицината, па почнал да волонтира во здравствените установи, но бил и седум години победник на натпреварите за Прва помош во Прилеп. Професорката, пак, вели дека му биле само морална поддршка, а тој самиот макотрпно работел.

    „Многу е успешен во тоа што го работи. Работевме на многу проекти, каде и да се појавеше земавме видни награди, прво место на државен натпревар по билогија, се редеа и други проекти и преку Фондот за иновации. Тоа беше поттик за неговата идеја да почне да волонтира во Итната медицинска помош, па во болницата. Се заинтересира за природните науки, конкретно биологија. Надоградувајќи се како волонтер и несебечно помагајќи им на луѓето, сѐ беше основа за ова да го направи денес“, рече професорката Милеска-Михајловска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира