Жител на населбата Рамина во Велес вчера пријавил дека од сефот дома му е украдена актовка со 65 илјади евра. Велешката полиција вечерта помал дел од парите нашла кај неговата внука во изнајмена хотелска соба. Парите биле украле додека бил отсутен од државата.
Според полицијата, велешанецот С. М. (68) пријавил дека во периодот од 18 до 30 мај е ограбен во неговата куќа на улицата Јордан Џурнов во Велес. Крадецот преку незаклучената влезна врата влегол на приземјето од куќата и со подесен алат го отворил катанчето од вграден ѕиден плакар, од каде одзел акт-чанта со две шифрирани брави во која имало 65.000 евра и разновидна документација, по што заминал во непознат правец. Увид на местото извршила екипа од СВР Велес.
„Истиот ден во 21 часот, во СВР Велес бил извршен разговор со неговата 17-годишна внука од Велес, во присуство на нејзиниот татко и социјален работник. Во 21.30 часот, полициски службеници во хотелска соба изнајмена од малолетничката ја пронашле и ја одзеле чантата во која имало разни документи и поголема количина евра“, соопшти МВР.
П. ПЕЧКОВ