Конзерваторскиот центар денеска ќе го поништи позитивното мислење за изградба на зградата сред болничкиот комплекс кај Воена болница. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска кажа дека го добиле извештајот од работната група кој покажува дека позитивното мислење потпишано од ексдиректорот Константин Димитровски е спротивно на Законот за заштита на културно наследство.
„Во него стои дека тоа издадено конзерваторско решение не е согласно правилникот кој што е постоечки по Закон за заштита на културно наследство и сега го враќаме назад кај првостепениот орган од кој очекуваме уште денеска да го поништи. Не е точно дека процесот се одолговлекуваше. Управата за заштита на културно наследство требаше да изврши надзор во Градскиот конзерваторски центар, но тие не постапуваа“, рече Костадиновска-Стојчевска.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали сега градбата ќе биде стопирана министерката одговори дека тие нивната работа си ја завршиле, а за понатаму има други институции кои треба да преземат мерки.
Градежната дозволата за изградба на 17-катницата е издадена на 18 јануари, а станала правосилна на 1 февруари. Инвеститорот „ЗСФ Ком“ го огради проекторот и веќе се спрема за градба.
- ДИРЕКТОРОТ НА КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР КОЈ Е ВО ПРИТВОР ЗА УРИВАЊЕ НА ХОТЕЛОТ „ШАР“, ДАДЕ ДОЗВОЛА И ЗА 17-КАТНИЦАТА ВО ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА
- СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ЈА ПОТПИША ДОЗВОЛАТА ЗА ГРАДБА НА СПОРНАТА 17-КАТНИЦА СРЕДЕ БОЛНИЧКИОТ КОМПЛЕКС НА ВОЕНА БОЛНИЦА, ФИРМАТА „ЗСФ КОМ“ ПОЧНУВА ДА ГРАДИ
-
Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.
Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.
Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ Ком ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“.
Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.
А. АНТЕВСКА