20 ГОДИНИ ПО УБИСТВОТО НА 10 БРАНИТЕЛИ КАЈ КАРПАЛАК, БОРЦИТЕ УШТЕ ЧЕКААТ СПОМЕНИК

    20 ГОДИНИ ПО УБИСТВОТО НА 10 БРАНИТЕЛИ КАЈ КАРПАЛАК, БОРЦИТЕ УШТЕ ЧЕКААТ СПОМЕНИК20 години бараме овде да се подигне достоинствен споменик, а не цвеќето да го положуваме на банкина од патот, но споменик сѐ уште нема, велат од Одоброт на бранителите. (Фото: СДК.МК)

    На Карпалак, на половина пат од Скопје кон Тетово, денеска се одбележа 20-годишнината од загинувањето на 10 бранители во конфликтот во 2001. Тогаш, припадниците на УЧК со ракетни фрлачи го нападнаа конвојот на АРМ во кој се превезуваа бранителите кои се упатуваа на боиштето во Тетовско. Во нападот со проектил беше погоден автобусот, при што загинаа 10 бранители од Прилепско, а поголем број беа ранети.

    „Трагичниот настан кај Карпалак остави двабоки траги во нашата меморија. Пред дваесет години ги изгубивме наште сограѓани Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердоган, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце кои го дадоа својот живот за својата држава и тоа никогаш нема да го заборавиме“, рече државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ.

    На одбележувањето на годишнината зборуваа и од Одборот на бранителите.

    „Овде точно во 9.30 часот, албанските терористи го извршија еден од најтешките напади на бранителите на Македонија, во кој напад 10 бранители беа смртно погодени, а неколку тешко ранети. И денес останува нејасно како оние што го испратија конвојот, дозволија колоната да биде пуштена без преземени борбени мерки и покрај тоа што органите на одбраната и безбедноста имаа многу информации за присуство на припадници на УЧК. Крајно време е, а и бранителите тоа го очекуваат, да се преземат соодветни мерки за расчистување на одговорноста бидејќи таквите дела не застаруваат. Освен ова, ниту извршителите на нападот, оние кои го ракетираа конвојот, досега ниту се откриени ниту се изнесени пред лицето на правдата“, рече Марин Најдов од Одборот на бранителите.

    И додека официјалните личности зборуваа за настанот, преживеаните бранители зборуваа за своите маки и за негрижата на државата кон ова место на трагичниот настан и за негрижата кон бранителите и нивните семејства.

    „Секоја година доаѓам на ова место и никогаш не сум бил повеќе изреволтиран од денеска. Некој си зел за право да менува протокол па ние не можеме на нашите соборци да им оддадеме достоинствена почит. Исто така, никој не најде за сходно барем банкината каде е спомен-плочата да ја обои, а ваму зборуваме за 10 загубени животи. Неодамна Артан Груби излезе и јавно кажа дека за борците на УЧК средени се пензиите и вработувањата. А, јас прашувам што направија за бранителите? 20 години бараме овде да се подигне достоинствен споменик, а не цвеќето да го положуваме на банкина од патот, но споменик сѐ уште нема. Државата многу малку ни помогна, можете да прашате колку социјални случеви има кај бранителите, колку од нив завршија по болници, колку им е помогнато на нивните семејства“, прашува Ацо Јованоски-Реган, возачот на автобусот кој беше ракетиран и кој, благодарение на неговата присебност и храброст, успеа запалениот автобус да го извлече од местото на нападот и така да спаси многу животи на бранителите.

    Пред спомен-плочата на загинатите бранители кај Карпалак, денеска панихида одржаа свештените лица од Тетовско-Гостиварската епархија, а цвеќе положија преставници од Собранието, Владата, Претседателот на државата, Министерството за одбрана, Здруженија на граѓани и политички партии, семејствата на загинатите и граѓани од Прилеп и Тетово.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира