20 ГОДИНИ ПРОПАЃА СТАРИОТ ОБЈЕКТ НА РАДИО ШТИП, ДОВЕРЕН НА ГРАДСКАТА БИБЛИОТЕКА

    20 ГОДИНИ ПРОПАЃА СТАРИОТ ОБЈЕКТ НА РАДИО ШТИП, ДОВЕРЕН НА ГРАДСКАТА БИБЛИОТЕКАСтарата зграда на поранешното Радио Штип повеќе од две децении е напуштена и како објект пропаѓа. ( Фото: СДК.МК )

    Кога ќе влезете во централното градско подрачје на Штип покрај реката Отиња од каде и да погледнете кон исток, на највпечатливото градско ритче кон месноста Св. Илија оддалеку ќе ја види старата зграда на поранешното Радио Штип.

    Само на десетина метри од овој објект кон подножјето на градот се наоѓа новата зграда на Штипската библиотека, а на источната страна на иста далечина верскиот објект Св. Илија или Мухамедин пашина џамија .

    Пред 20 години, напуштената зграда на радиото и просторот околу него биле дадени на управување на Библиотека „Гоце Делчев“ во Штип, но до ден денешен ништо не е сторено за да се зачува објектот кој е напуштен и пропаѓа.

    Во овој период од две децении, Штипската библиотека како национална установа претрпе голем број кадровски промени, посебно на раководната функција. На една или две години се менуваа директорите и никој во овие две децении не се зафати да го санира доверениот објект на старото штипско радио кое повеќе не постои.

    Сите директори со кои разговаравме рекоа дека знаат за објектот кој е во непосредна близина и дека од државата е доверен на Библиотека „Гоце Делчев“. Но, според нив, поради посветеноста кон основната дејност – библиотекарството немале време ниту да потсетат на стариот објект во соседството, ниту да го информираат Министерството за култура кое исто така имало чести смени на водечките функции.

    Новиот директор на Штипската библиотека,, Тамир Јамаковски вели дека тој за неполни два месеца, колку што е на новата функција само слушнал за доверената зграда на старото Радио Штип.

    „За 2024 година проектите се завршени од моите колеги претходници и се однесувале на библиотекарството како основна дејност па овој стар објект допрва ќе биде предмет на некој нареден проект. Првата наредна средба со првите луѓе во Министерството за култура ќе биде искористена да се сврти вниманието кон овој проблем и се надевам дека ќе договориме некаков проект и динамика за негова реализација за зачувување на овој стар објект кој со години бил белег на Штип“, вели Јамаковски.

    Од друга страна пак, Штипскиот музеј кој веќе има проект за реставрација на верскиот објект во месноста Св. Илија во Штип на десетина метри од старата зграда на радиото вели дека и двата објекта имаат заедничка околина, па тие истовремено направиле идеен проект и за старата зграда на Радио Штип.

    „За верскиот објект веќе имаме проект за негово прераснување во Галерија, а соседниот објект на радиото со идејното решение треба да прерасне во културно катче каде ќе има и спомен соба на Радио Штип кое долги години беше главниот медиум во Општина Штип и пошироко“, вели директорот на Музејот, Митко Штерјов.

    Старата зграда радиото кое повеќе не постои потекнува од 60-тите години на минатиот век кога од тоа место прв пат во етерот се огласи градското радио „Зборува Радио Штип“. Триесетина години подоцна радиото се пресели во централнот подрачје на градот на улицата „Ванчо Прќе“,а зградата во месноста Св. Илија беше во функција на Радио клубот Никола Тесла, а потоа и на Втората детска амбасада со седиште во Штип.

    Неколку години по нивното згаснување, долги години зградата остана нем сведок на едно време и до денес буквално се распаѓа. Пред две децении зградата е дадена на управување на Националната установа Библиотека „ Гоце Делчев“ која се наоѓа во непосредна близина на објектот..

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира