22 ПОВРЕДЕНИ ВО СООБРАЌАЈKATA МЕЃУ ТРИ ВОЗИЛА НА ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ПОЛН СО ДУПКИ КОЈ ВОДИ ДО ГРЧКА ГРАНИЦА, А ТРИ ГОДИНИ ЈА ЧЕКА ПОПРАВКАТА ВЕТЕНА ОД СУГАРЕСКИ

    22 ПОВРЕДЕНИ ВО СООБРАЌАЈKATA МЕЃУ ТРИ ВОЗИЛА НА ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ПОЛН СО ДУПКИ КОЈ ВОДИ ДО ГРЧКА ГРАНИЦА, А ТРИ ГОДИНИ ЈА ЧЕКА ПОПРАВКАТА ВЕТЕНА ОД СУГАРЕСКИСообраќајката во близина на бензинска пумпа во Битола на Краварски пат, кој води од Битола за грчка граница. (Фото: СДК.МК)

    Во сообраќајната несреќа меѓу три возила вчера на Краварски пат во Битола повредени се 22 патници, соопшти СВР Битола. Меѓу нив еден е 20-годишен возач, а другите се возачот на комбето со патници од село Јанковец, Ресенско, и сите останатите дваесет лица се жители од ресенски села кои се враќале од работа од прва смена во битолска фабрика.

    СВР појаснува дека сообраќајката во близина на бензинска пумпа во Битола на Краварски пат, кој води од Битола за грчка граница, настанала помеѓу патничко возило „ауди А7“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Б. Б. (20) од с. Жабени, Битолско и автобус „мерцедес“ со ресенски регистарски ознаки, управуван од Н. Б. (52) од с. Јанковец, Ресенско, при што удриле во паркирано влечно возило „мерцедес“ со битолски регистарски ознаки.

    Лани во октомври, исто на патот од Битола за грчка граница во близина на индустриската зона „Жабени“, се преврте автобус со патници од битолска фабрика во која беа повредени пет лица.

    Краварски пат е дел од патниот правец Битола – грчка граница кој е доста фреквентен, покрај автомобили, голем дел од возилата се камиони, а и комбиња и автобуси кои превезуваат работници до индустриската зона. Иако е меѓународен, патот минува низ селото Кравари, кое е едно од најнаселените во Битолско.

    Рехабилитација на постоечкиот пат за Грција пред три години вети тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески. Имаше изјавено дека ќе чини 2,5 милиони евра, средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а ќе се спроведе во 2020.

    За жал, најавите за експресен пат од Битола до грчка граница, а и за рехабилитација на постоечкиот пат, досега останаа само на зборови. На терен патот е стар, нерамен, полн со крпени дупки, зарастен со трева и грмушки, а е на прагот на ЕУ.

    „За 30 години македонска независност, низ овој пат кој води за грчка граница сме виделе од автомобилско рели со цел да ги поврзе Битола и Лерин, до блокади и спуштени рампи. Но, подобар пат никогаш не сме виделе. Ова е меѓународен пат, а има само две ленти со максимална брзина од 70 километри на час“, велат жителите од Кравари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира