34 СЕСТРИ СО ЗАВРШЕНА ВИСОКА МЕДИЦИНСКА ШКОЛА ОД БИТОЛА ПОДНЕЛЕ БАРАЊЕ ДА ИМ СЕ ПРЕВЕДАТ ДОКУМЕНТИТЕ ЗА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА

    34 СЕСТРИ СО ЗАВРШЕНА ВИСОКА МЕДИЦИНСКА ШКОЛА ОД БИТОЛА ПОДНЕЛЕ БАРАЊЕ ДА ИМ СЕ ПРЕВЕДАТ ДОКУМЕНТИТЕ ЗА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈАДипломите од Високата медицинска школа, која годинава слави 35 години постоење, се признати во Германија и други земји, па за нив таму не е потребна нострификација. (Фото: СДК.МК)

    Триесет и четири медицински сестри со завршена Висока медицинска школа во Битола лани побарале да им се преведат наставните планови и програми по кои студирале за ги приложат во здравствените установи во странство каде се вработуваат, претежно во Германија. Меѓу нив имало и медицински кадри дипломирани и пред 15 години, од кои дел не успеале да најдат вработување во земјава. Ова е само мал дел од вкупната бројка медицински сестри кои заминуваат на работа во странство поради подобри услови, плата, а некои и поради тоа што со години не биле вработени.

    „Главните причини поради кои дипломираните студенти заминуваат да работат во странство се неможноста за лесно наоаѓање работа тука, тешко се стигнува до работа за медицински лица, а потоа доаѓа и материјалното односно поголемите плати во странство, што не сметам дека е доволен мотив за да нè одвлече во странство“, вели Христијан Ѓоргиевски, студент од трета година во Високата медицинска школа, претседател на Студентското собрание при Школата.

    „Земајќи ги во предвид сите услови во кои се наоѓаме, јас сум еден од оние студенти кои искрено ја гледаат својата иднина во Македонија, се надевам дека ќе имам прилика да творам и работам тука, во земјата во која сум се образовал“, додава Ѓоргиевски.

    Дипломите од Високата медицинска школа, која годинава слави 35 години постоење, се признати во Германија и други земји, па за нив таму не е потребна нострификација.

    „Имаме статус со кој во базата на универзитети во Германија нашата школа е препозната и призната. Дипломата е комплетно призната, а тоа им овозможува дипломираните кадри да го најдат своето место и на европскиот пазар, најмногу во Германија. Сè почесто ги преведуваме тие наставни програми, сѐ повеќе се присутни такви барања од дипломирани студенти за да можат да ги проложат документите во институциите во странство каде се вработуваат“, вели проф. д-р Тања Јовановска, директорка на Високата медицинска школа.

    Во школата се акредитирани повеќе студиски програми. Директорката вели дека школата е реновирана и нуди солидни теоретски и практични знаења од искусен професорски и стручен соработнички кадар. Додава дека квалитетните кадри што ги продуцираат треба да бидат препознати од институциите и да бидат задржани на овие простори, да не го бараат своето место надвор од државата. Смета дека вработувањето на овие кадри е суштинско и за тоа треба понатаму сериозно да се разговара.

    „Факт е дека има потреба од медицински персонал секаде во државата. Кубурат сите државни институции. Многу од кадарот преминува од државни во приватни здравствени иституции поради уловите за работа, вреднувањето на трудот. Сепак, не сите заминуваат за странство, има голем број кои се невработени и кои уште го чекаат своето место во јавните здравствени институции“, вели Јовановска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира