400 ДЕЦА ЧЕКААТ МЕСТО ВО БИТОЛСКИТЕ ГРАДИНКИ

    400 ДЕЦА ЧЕКААТ МЕСТО ВО БИТОЛСКИТЕ ГРАДИНКИДенес фирми од Битола донираа 14 прочистувачи на воздух за занимални во детските градинки во Битола. - Градоначалничката Наташа Петровска на примопредавањето на пречистувачите

    Во најголемата градинка во Битола „Естреа Овадија Мара“ згрижени се 800 дечиња, а уште 400 се на листа на чекање, соопшти новата директорка Лидија Тфирст Митревска. Таа рече дека Битола има потреба од проширување на градинките, како и од ангажирање на воспитувачи и други кадари.

    „Имаме огромен број дечиња на листа на чекање. Решение ни е отворање надградби на постојните градинки и градба на нови градинки. Се надевам дека Општината и Владата ќе ни излезат во пресрет и ќе можеме да го реализираме ветувањето. Потребни ни се кадри од сите профили воспитувачи, негувателки, хигиеничари, садомијачи… Потребен ни е персонал во итни и неодложни дејности. Се надевам дека во најбрз може рок, луѓето ќе почнат со работа зашто согласностите се веќе добиени“, рече директорката.

    Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска изјави дека Општината е во напредна фаза со обезбедување на средства и други логистички поддршки околу проширување на просторните капацитети во градинките.

    „Градинките имаат добиено согласност за обезбедување на негувателки. Тоа не ги задоволува потребите кои се воочени. Но, во соработка и дослух со Министерството за труд и социјална политика се најавува повторно зголемување на бројот на негувателки што е неопходно за згрижување на дечињата. Во однос на капацитетите на градинките веќе се обезбедени средства за оплеменување на просторот на градинката во Кравари, а во напредна фаза сме и со други три апликации за кои се надевам дека ќе имаме дослух од Министерството за труд и социјална политика“, рече Петровска.

    Денес фирми од Битола донираа 14 прочистувачи на воздух за занимални во детските градинки во Битола. Вработените и родителите апелираа акцијата да се прошири зашто на територијата на општината има 67 детски занимални во градинките, а прочистувачи се обезбедени само за 14 од нив.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира