500 ВРАБОТЕНИ ДВА МЕСЕЦА БЕЗ ПЛАТА ОТИ СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БОГОВИЊЕ НЕ МОЖЕ ДА ИЗБЕРЕ ЗАМЕНА ЗА УБИЕНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК

    500 ВРАБОТЕНИ ДВА МЕСЕЦА БЕЗ ПЛАТА ОТИ СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БОГОВИЊЕ НЕ МОЖЕ ДА ИЗБЕРЕ ЗАМЕНА ЗА УБИЕНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИКПетстотини адиминистративци, од кои околу 400 се наставници, денеска протестираа во Боговиње зашто два месеци немаат добиено плата, а од први јули немаат платено ни здравствено и пензиско осигурување. (Фото: СДК.МК)

    Петстотини административни работници и наставници во основните училишта од општина Боговиње два месеци се без плата, а од први јули се и без здрaвствено и пензиско осигурување, бидејќи општината остана без градоначалник, откако досегашниот Хазби Идризи беше убиен. Тие денеска излегоа на протест пред општинската зграда и побараа советниците во Советот на општина Боговиње да ги надминат партиските инаети и несогласувања и што побрзо да изберат градоначалник, за да може јавната администрација непречено да работи и да им се исплатат заостанатите плати.

    На денешен ден пред два месеци во немил инцидент поради нерасчистени работни односи смртно беше застрелан градоначалникот на општина Боговиње Хазби Идризи. Во изминативе два месеци 19-те советници од Советот на општина Боговиње на двапати се обиделе да изберат нов градоначалник од редовите на советниците, но и двата обиди пропаднаа.

    „Во Советот на општина Боговиње постои судир помеѓу советниците од позицијата и опозицијата. Во изминативе два месеци се одржаа две седници на Советот. На првата седница имаше две гласања и резултатот излезе седум спрема седум гласови и еден кој не гласал и не се избра градоначалник. Вчера имаше нова седница на Советот, но повторно поради партиски несогласувања не се избра градоначалник. Во Советот има 9 советници на ДУИ, 8 на ДПА, еден од РДК и еден е независен. Во меѓувреме дел од советниците на ДПА преминале во партијата на Села, дел останале во ДПА а дел и самите не знаат каде се. Поради сето ова настанаа и овие проблеми. Ако овие советници во советот на општина Боговиње беа професионалци, тогаш тие ќе знаеа дека треба да работат за доброто на народот и општината, но тие тоа не го знаат. Тие знаат само да се борат за власт, да дојдат во позицијата и поради тоа не може да се избере нов градоначалник“, вели Сафет Рамадани директор во основното училиште во Боговиње.

    Поради ваквите меѓупартиски спротиставувања најмногу трпат околу петстотини административци од општината од кои над 400 се наставници во основните училишта. „Протестираме зашто два месеци немаме добиено плата, а од први јули немаме платено ни здравствено и пензиско осигурување, па одењето на лекар ни претставува голем проблем. Апелирам до сите релевантни фактори во државата како министерствата за Локална замоуправа Образование и пред се до советниците од Општината да ни помогнат да излеземе од состојба“ апелира Неби Адеми вработен во ОУ Сами Фрашери во село Пирок.

    Вработените во образованието од општина Боговиње добија поддршка и од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кој побара брзо решавање на проблемот.
    „Ако набрзо не се реши состојбата ние ќе превземеме и порадикални чекори и нема само да протестираме пред општината. Апелираме до власта што побрзо да најде решение за проблемот. Освен без плата, нашите работници се и без здравствено осигурување што е навистина сериозен проблем“ изјави Теута Сефулаи претседател на регионалниот одбор на СОНК Тетово.

    Законската регулатива вели дека ако до 15 јули советниците не успеат да изберат лице кое ќе биде вршител на должноста градоначалник до редовните локални избори, тогаш Министерството за локална самоуправа може да назначи градоначалник во општината.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира