52-годишник болен од ковид-19 од Делчево синоќа починал во брзата помош во овој град, откако категорично одбивал да биде хоспитализиран во штипскиот или во некој од скопските ковид-центри. Болниот не бил вакциниран, бил со тешка клиничка слика со сериозни проблеми на дишните патишта и белите дробови, но упорно одбивал помош и изјавувал дека не сака да биде згрижен во болница, велат од Здравствениот дом.
Бројот на позитивни на коронавирус во Делчево на дневна основа сега се намалува, за разлика од изминатите неколу месеци кога имало по 25 позитивни на ден, но како што велат здравствените работници, загрижува тоа што се зголемува бројот на заболени деца.
„Вчера и денеска од 30 тестирани позитивни се 9. Има позитивни граѓани на 33 години, едно лице е на 50 години, друго на 71 година, но загрижува податокот што две деца се позитивни, а имаат по 11 години, а позитивни се и две шестгодишни деца. Позитивни се и нивните родители кои имаат по 40-50 години, така што се зголемува бројот и на фамилијарните заболувања“, вели директорката на Здравствениот дом во Делчево д-р Марија Глигорова.
Глигорава се надева дека Министерството за здравство и здравствениот систем ќе најдат начин да обезбедат епидемиолози и друг потребен кадар во градовите кои немаат вакви стручни кадри, за да се подобри епидемиолошката состојба во местата како што е Делчево. Таа смета дека позајмувањето вакви стручни кадри од другите градови е краткорочно решение, затоа што и соседните градови се со слични проблеми и имаат потреба од епидемиолози.
Т. ЈОВАНОВСКИ