56 ГОДИНИ ОД КАТАСТРОФАЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО СКОПЈЕ, ВЕЧЕР КОНЦЕРТ НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ЗА СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ

    56 ГОДИНИ ОД КАТАСТРОФАЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО СКОПЈЕ, ВЕЧЕР КОНЦЕРТ НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ЗА СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕДелегација од Град Скопје предводена од градоначалникот Петре Шилегов положи цвеќе пред споменикот на загинатите во катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година. (Фото: Град Скопје)

    Домашни и странски делегации утрово положија цвеќиња пред споменикот на загинатите во катастрофалниот земјотрес во Скопје, на градските гробишта во Бутел. Во рамките на одбележувањето на 56-годишнината од земјотресот вечерва во Градскиот парк на „Школка“ со почеток од 20 часот ќе се одржат концерти на Влатко Стефановски, Биља Крстиќ, Танос Ставридис и „Биг Бенд“.

    „26 јули е денот кога се потсетуваме на еден тажен момент од животот на Скопје. Но, тоа е и ден кога треба да го славиме животот, да ја славиме хуманоста и подадената човечка рака. Никако не треба да ја заборавиме светската мобилизација за помош на Скопје и неговите жители. И по 56 години важно е да се чествува овој ден и сите да се потсетиме на тоа што се случило. Овој ден не го нарекуваме прослава, ниту пак чествување. 26 јули е ден на хуманоста, ден на добрите дела и ден за сеќавање на сите што не се повеќе со нас“, велат од Град Скопје.

    На 26 јули во 5.17 часот Скопје било разурнато од земјотрес од 9 степени по Меркалиевата скала, односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 километри. Главниот потрес траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути. Под урнатините загинаа 1.070 жители, а биле повредени над 4.000. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Во земјотресот беше разурната тогашната железничка станица, а денеска Музеј на град Скопје, а стрелките застанаа и оттогаш го покажуваат времето кога ќе се случила катастрофата, 5 часот и 17 минути.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира