87-ГОДИШЕН КУМАНОВЕЦ ГО ПОБЕДИ КОРОНАВИРУСОТ, СЕ ЛЕКУВАЛ ДОМА

    87-ГОДИШЕН КУМАНОВЕЦ ГО ПОБЕДИ КОРОНАВИРУСОТ, СЕ ЛЕКУВАЛ ДОМАСакавме да го споделиме нашето искуство со останатите граѓани, да не се откажуваат и да се борат, а најважно од се` е навреме да побараат здравствена заштита за да можат лекарите да им помогнат, велат роднините на 87-годишникот кој се лекувал во домашни услови. (Фото: СДК.МК)

    Кумановец на возраст од 87 години го победи коронавирусот во домашни услови. Неговото семејство кажува дека С. З., откако почувствувал симптоми, на 5 ноември направил тест кој потврдил дека е заразен од ковид-19, а по 20 дена е излекуван.

    „Веднаш беше испратен на Инфективното одделние во Кумановската болница, каде му беше направен детален преглед, при што беше утврдeно дека има воспаление на белите дробови и други нарушувања, но ни беше препорачано да се лекува во домашни услови со соодветна терапија. Преку Службата за домашна посета секојдневно добиваше прво инфузија, а потоа и инјекции. Тука бевме и ние и му помагавме по упатствата на лекарите. После првиот контролен преглед резултатите веќе беа подобри, а по 20 дена неговиот инфектолог констатира дека е излекуван“, кажуваат од семејството.

    Тие посебно се благодарни до песоналот и лекарите на Инфективното оддeление, како и на Службата за домашна посета, кои несебично се залагале да помогнат при лекувањето и да им дадат поткрепа во најтешките моменти на неизвесностa како болеста ќе се развива.

    „Многу сме задоволни од нивниот однос и еве јавно сакаме да им се заблагодариме. Нивниот пристап во лекувањето и поддршката е најзначаен, покрај имунолошкиот систем на организмот. Ние се плашевме поради неговата возраст иако не беше во ризичната група, но има висок крвен притисок и други проблеми кои се нормални во негови години. Тој отсекогаш беше физички активен, до 82 години возеше велосипед по 10 километри. Но, болеста е непрeдвидлива. Секако, ова е голем успех за него и затоа сакавме да го споделиме нашето искуство со останатите граѓани, да не се откажуваат и да се борат, а најважно од се` е навреме да побараат здравствена заштита за да можат лекарите да им помогнат“, велат роднините.

    Семејството не знае каде нивниот родител се заразил, претпоставуваат дека сигурно некој до најблиските бил асимптоматски, бидејќи тој главно седел дома и немал контакт со други лица.

    Куманово е жариште на коронакризата и има регистрирано 3.599 заразени и 940 активни случаи. Над сто се починати. Кумановската болница е пребукирана од пациенти на кои им треба болничко лекување.

    Досега се оспособени три Ковид одделенија, а медицинскиот персонал е на крајот на издржливоста од премор. За да помогнат во техничкиот дел на работата оваа недела се приклучија десетина волонтери.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира