Струмичките пожарникари и спасители кои се дел од Републичките сили за заштита и спасување при Дирекцијата за заштита на Македонија, од вчера се во Адијамен, Турција каде од попладнето работат на спасување на преживеани во катастрофалниот земјотерс. Станува збор за град од околу 270 илјади жители меѓу Газијантеп и Малатија.
Како што кажа пожарникарот Вернер Стоилов, градот е сосем разурнат. Тимот од осум пожарникари од Струмица цела ноќ ги пребарувале рушевините на срушена станбена десеткатница во Адијамен во која, како што вели Стоилов, засега не успеале да пронајдат преживеани, а се претпоставува дека има најмалку 100-тина починати под рушевините кои не се извлечени.
„Нашиот тим работеше цела ноќ и се трудевме колку што можевме да допреме до некого и пронајдеме преживеани лица под десеткатница, но за жал, поминаа веќе 72 часа и нема знаци на преживеани под оваа зграда. Паралелно, и температурите се ниски. Синоќа се спушти на -7 степени Целзиусови сигурно и хипотермијата си го прави своето. Се претпоставува дека под оваа десеткатница која ја пребарувавме има околу 100 мртви од која се спасени само две лица. Целиот регион е разурнат. Патиштата и улицата се како брановидно пресечени. Очајна е состојбата овде. Во текот на денот ќе бидеме преместени на друга локација за пребарување и спасување на евентуално преживеани кои се под урантини“, кажа Стоилов.
Струмичките пожарникари работат со припадници на турската институција за менаџирање катастрофи и итни состојби АФАД и според најавите, тие во Турција ќе бидат во наредните 10 дена. Тимот од струмичката единица има искуство при вакви ситуации. Беа дел и од спасувачката мисија при земјотресот во ноември 2019 во Албанија кога загинаа 50-тина лица.
В. ТРАЈКОВ