АКО ДО УТРЕ ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ГРУПА НЕ ЗАМИНЕ ОД СЕЛОТО, ДЕЦАТА НЕ ГИ ПУШТАМЕ НА ШКОЛО И ЌЕ ПРОТЕСТИРАМЕ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА ЛАКОЧЕРЕЈ

    АКО ДО УТРЕ ЕВРЕЈСКАТА ВЕРСКА ГРУПА НЕ ЗАМИНЕ ОД СЕЛОТО, ДЕЦАТА НЕ ГИ ПУШТАМЕ НА ШКОЛО И ЌЕ ПРОТЕСТИРАМЕ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА ЛАКОЧЕРЕЈЖителите велат дека школото било само на 500 метри од хотелот како групата е сместена и се плашат да не им ги киднапираат деца. (Фото: СДК.МК)

    Жителите од охридското село Лакочереј, каде моментално престојува еврејската религиозна група „Лев Тахор“, на газдата од хотелот каде се сместени му дале рок до утре да ги избрка, во спротивно се заканија дека ќе излезат на масовни протести, а децата нема да ги пуштат на училиште.

    „Синоќа се собравме стотина луѓе спонтано. Го побаравме газдата на хотелот каде е сместена групата ‘Лев Тахор‘. Газдата од за него познати причини ни рече дека не може да присуствува на собирот кој беше  сред село. Сите отидовме пред хотелот и му кажавме до среда напладне да си ги дислоцираат луѓето. Тој кажа дека работел на тој проблем и со туроператорот барале решение. Имаше и полиција на собирот“, вели Илче Настоски, жител на селото.

    Настоски кажа дека ако 37 членови на групата не заминат од нивното село ќе излезат масовно на протести пред хотелот, а децата нема да ги пратат на училиште, оти школото било само на 500 метри од хотелот па стравувале тие да не им ги киднапираат деца.

    Еврејската религиозна група „Лев Тахор“, која претходно престојуваше во Куманово и Скопје во неделата навечер е донесена во охридското село Лакочереј. Оттогаш жителите вознемирени и уплашени бараат да се исели групата.

    „Лицата за кои прашувате ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите“, кажаа вчера од МВР.

    Од охридската полиција за САКАМДАКАЖАМ.МК вчера кратко кажаа дека до овој момент нема ниту пријава ниту поплака за вакви лица на територијата на Општина Охрид.

    Очевидци од местата низ кои престојуваат, велат дека овие луѓе никого на криво не погледнале, а камо ли да прават проблеми. Сепак, верниците најпрво во Куманово, а потоа и во Скопје предизвикаа лавина негативни реакции и говор на омраза на социјалните мрежи, како и напади со фрлање јајца и камења, поради што полицијата мораше да ги чува.

    Групата во која членуваат американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, до пред десетина дена престојувала во Сараево, Босна и Херцеговина, па откако завршил престојот дошла во Македонија. Тука планирале да останат извесен период и потоа да продолжат понатаму. Честото селење е типично за групата, па така освен во Македонија и Босна и Херцеговина, одреден период престојувале и во САД, Канада, Израел и Романија.

    „Лев Тахор“ („Чисто срце“) е еврејска религиозна група основана во 1988 која брои 250 членови. Верниците се противат на државното уредување од верски причини, поради што живеат по свои правила во верба дека човекот може да го спаси само господ. Но поранешни членови кои ја напуштиле групата сведочат дека лидерите последниве години вовеле екстремни практики, како детски бракови и малолетнички секс.

    Тие претходно ја напуштиле Канада, откако нивниот водач и неколку членови биле обвинети и лани во ноември во САД осудени за киднапирање 14-годишна девојче и 12-годишно момче од мајка која претходно била дел од групата и подоцна ја напуштила. Според американските власти, еден од лидерите вмешан во киднапирањето е брат на жената чии деца ги грабнал за да ги врати во групата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира