Се подготвуваат измени на Законот за здравствена заштита кои ќе овозможат флексибилно искористување на здравствениот кадар. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека докторите кои се вработени во јавното здравство по завршувањето на работното време ќе можат да работат, односно да дежураат во друга јавна здравствена установа.
„Зошто да може докторот после крај на работно време да има кафеана или да гради згради, а да не може да биде доктор? На активно вработените со новата измена на Законот им овозможиме флексибилност по завршувањето на работното време, да може да работат и да дежураат во други јавни здравствени установи. Прво за да заработат дополнително, а второ за да се приближи јавната здравствена услуга до граѓаните таму каде во нивните јавни здравствени установи немаат одредени специјалисти. Многу детали се во прашање и поради тоа не брзаме со поднесувањето на законот. Ќе отвориме јавна дебата. Мора добро да се смисли, ова е новина во нашиот систем некаква комбинација од САД и Велика Британија во однос на тоа како се ангажирани лекарите“, рече Филипче.
Запрашан каде ќе го помине летниот одмор по напорните месеци минати во менаџирање на здравствениот систем во битката со ковид-19, Филипче одговори дека од 3 до 13 август ќе одмора во Грција.
Ж. ЗДРАВКОВСКА