АКО НЕ ГЛАСАШ НЕМАШ ПРАВО НА МИСЛЕЊЕ, ОДЛУКАТА Е ЕДНОСТАВНА – СЕГА ИЛИ НИКОГАШ, РЕЧЕ ЗА РЕФРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО ЕКСШЕФОТ НА НАТО ЏОРЏ РОБЕРТСОН

    АКО НЕ ГЛАСАШ НЕМАШ ПРАВО НА МИСЛЕЊЕ, ОДЛУКАТА Е ЕДНОСТАВНА – СЕГА ИЛИ НИКОГАШ, РЕЧЕ ЗА РЕФРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО ЕКСШЕФОТ НА НАТО ЏОРЏ РОБЕРТСОНПоранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон е лидер на неформалната „Група Охрид“ за за поддршка на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ, а во Битола беше на трибината „За европска Македонија“ (Фото: СДК.МК)

    Одлуката е едноставна: сега или никогаш, рече поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон на трибината „За европска Македонија“ во Битола.

    „Би било погрешно да ви кажуваме како да гласате, но гласањето е најголем императив во моментот. Има изрека во политиката која вели ‘ако не гласаш немаш право на мислење’. Многу е важно секој од вас да излезe да гласа. Кога бев генерален секретар на НАТО јас бев приморан да ве нарекувам ФИРОМ. Тоа беше погрешно и може засекогаш да се промени на 30 септември. Договорот со Грција ви го гарантира идентитетот и културата, јазикот и ви ја отвора вратата кон Европа. Одлуката е едноставна сега или никогаш“, им рече Робертсон на битолчани.

    72-годишниот британски лабуристички политичар Робертсон, беше десеттиот генерален секретар на НАТО од 1999 до 2004, повеќепати ја имаше посетувано Македонија, особено за време на воениот конфликт во 2001. Остана запаметена неговата изјава од самиот почеток на конфликтот во март 2001 дека терористите од ОНА се „криминалци и бандити“. Робертсон беше еден од важните меѓународни дипломати кои помогнаа во решавањето на конфиликтот и постигнувањето на Охридскиот рамковен договор, потпишан на 12 август 2001. Во април годинава, Робертсон повторно дојде во земјава, како лидер на новоформираната неформална „Група Охрид“ за поддршка на Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ.

    Во Битола денеска испрати молба до народот во Македонија да размисли за иднината на младите генерации, на следните генерации и на оние кои веќе заминаа во странство.

    „Дали сакате вашите млади да одат во Европа или ја сакате Европа тука? Ова е историски чекор за иднината на земјата“, рече Робертсон.

    Националниот координатор за НАТО за Македонија Стево Пендаровски рече дека младите имаат позитивен став за референдумот, па ги повика навистина да излезат на гласање и да бидат генератор на позитивните промени во Македонија.

    „Вие сите сте најкосмополитската генерација кој било кога живеела во оваа земја“, рече Пендаровски и додаде: „Не треба да читаме бајки и да веруваме секому, но НАТО ни помогна во 2001 година. Тогаш имавме три мисии на НАТО кои прво ја запреа војната во Македонија и направија амбиент за да се имплементира Рамковниот договор кој потоа ни овозможи да добиеме кандидатски статус за ЕУ. Значи, имавме и имаме вистински пријатели“, рече Пендаровски.

    Градоначалничката Наташа Петровска изрази надеж дека со интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО ќе се намали и бранот на иселување.

    „Ни се случуваше да ни бегаат младите надвор од државата. Во оваа учебна година имаме 200 првачиња помалку во Општина Битола. Најтажното е што оваа генерација беше родена во 2012 година и ако ја земете бројката кога тие се родија и сегашната кога се првачиња бројката е намалена за сто дечиња кои веќе ги нема во нашиот град, тие заминаа со своите семејства. Ова мора да престане. Дали во нашиот град веќе нема да ни бегаат младите зависи од нашето ‘за’“, рече Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира