АКО СТАНАРИТЕ НЕ САКААТ, КАФЕАНЏИИТЕ НЕМА ДА ИМААТ ЛЕТНА ТЕРАСА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ

    АКО СТАНАРИТЕ НЕ САКААТ, КАФЕАНЏИИТЕ НЕМА ДА ИМААТ ЛЕТНА ТЕРАСА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ„Општината пред да даде дозвола ќе спроведе анкета за граѓаните да се изјаснат дали на локацијата сакаат да има или не летна тераса. Ако поголем број од станарите на таа зграда не сакаат летна тераса, нема да има“, вели Богдановиќ. - Од уривањето летни тераси во Дебар Маало летоска (Фото: К.Попов)

    Граѓаните ќе одлучуваат дали газдите на кафулињата во Општина Центар ќе имаат летни тераси. Општина Центар прави нов Правилник за поставување на урбана опрема на јавна површина, според кој како што вели градоначалникот Саша Богдановиќ, ќе се објавува анкета за локациите каде има барања за летни тераси. Граѓаните како што се произнесуваат на анкетите за Деталните урбанистички планови, според новиот правилник ќе даваат забелешки и мислење и за летните тераси.

    „Поставивме некој ред со акцијата за уривање, но јас сè уште не сум задоволен од состојбата со летните тераси на јавна површина. Сега газдите на локалите елаборатите ги доставуваат до Град Скопје, кој издава дозволи, а ние потоа треба да контролираме нешто за што не сме дале ние дозвола. Сега целосно Општината ќе го преземе издавањето дозволи. Најпрво угостителите ќе треба да достават елаборат до нас и откако ќе им го одобриме ќе побараат дозвола за вршење на дејност од Град Скопје. Ние пред да им одобриме ќе спроведеме анкета за граѓаните да се изјаснат дали на локацијата сакаат да има или не летни тераси. Ако поголем број од станарите на таа зграда не сакаат летна тераса, нема да има“, вели Богдановиќ.

    Во новиот правилник ќе се ограничи и времето до кога може да се пушта музика на летните тераси односно ќе биде дозволена музика до 22 часот.

    Богдановиќ не прецизираше кога ќе стапи на сила новиот правилник, велејќи дека во тек е неговата изработка, по што ќе се најде на усвојување на седница на Советот на Општина Центар.

    Летово Општина Центар спроведе акција за уривање на неколку кафулиња во Дебар Маало, чии летни тераси ги зафаќаа цели пешачки патеки спротивно од Правилникот на Град Скопје со кој на јавната површина треба да има 2,5 метри слободни за пешаци.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира