АКТИВИСТИТЕ И ЖИТЕЛИТЕ ОД ТЕТОВСКО ФОРМИРАА „ЗЕЛЕН ФРОНТ“ ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ИЗГРАДБАТА НА ХИДРОЦЕНТРАЛИ НА ЛЕШНИЦА

    АКТИВИСТИТЕ И ЖИТЕЛИТЕ ОД ТЕТОВСКО ФОРМИРАА „ЗЕЛЕН ФРОНТ“ ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ИЗГРАДБАТА НА ХИДРОЦЕНТРАЛИ НА ЛЕШНИЦАОд „Зелен фронт“ велат дека се планира да се градат уште 15 мали хидроцентрали, што значи натамошно уништување и бетонирање на прородата и намалување на шумскиот фонд (Фото: З. Андонов)

    Повеќе невладини здруженија, еколошки и планинарски друштва и жители на Тетово и селата Бозовце, Вешала, Вејце и Вратница се обединија и формираа иницијатива наречена „Зелен фронт против малите хидроцентрали“. Велат дека бараат спас за Лешница, еден од најубавите предели на Шар Планина, кој е загрозен од изградбата на неколку мали хидроцентрали. Тие бараат запирање на изградбата на вакви енергетски објекти во целата земја.

    „Денеска го означуваме почетокот на кампањата ‘Стоп за малите хидроцентрали на Лешница‘, за да се донесе одлука за запирање на изградбата на малите хидроцентрали. Досега се изградени 11 мали хидроцентрали, но се планира да се градат уште 15. Тоа значи целосно уништување и бетонирање на прородата, намалување на шумскиот фонд, повеќе загадување на воздухот, создавање свлечишта и загрозување на човечки животи. Во наредниот период ќе ги оспориме договорите за концесија и дозволите за градба, бидејќи во текот на овие постапки се нарушени Конвенцијата за биолошка разновидност, Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до информациите поврзани со животната средина. Доколку е потребно, ќе излеземе на терен за да ја спречиме изградбата“, истакна Дејан Доневски, планинар и член на Иницијативниот одбор.

    На трибината која Иницијативниот одбор ја одржа во Тетово беа изнесени повеќе размислувања и идеи за тоа какви активности треба да се преземат за да се спречи натамошната изградба на малите хидроцентрали, но и што да се направи за да се затворат и постоечките не само на Шар Планина, туку и насекаде во Македонија. Беше речено дека кога можеле активистите од Босна и Херцеговина да издејствуваат државата да донесе закон со кој се забранува натамошна изградба на мали хидроцентрали, тоа може и кај нас да се направи.

    „За нас, ова е злосторничко здружување, со кое се прави екоцид врз природата. Ние имаме сериозни сомненија дека начините на кои се издадени овие дозволи се коруптивни. Обвинителството и Антикорупциска комисија треба веднаш да покренат обвиненија и да се направи ревизија од надворешни независни експерти за да се утврди дали сите овие студии се само копии една на друга, дали се фалсификати или се реални. Македонија е држава која треба да ги почитува меѓународните конвенции кои ги има потпишано, како Архусовата конвенција за пристап на јавноста до информациите за животната средина. Треба да се почитува и Бернската конвенција, со која Шар Планина е зелена зона и без да се прогласи за национален парк, каде што строго се забранува изградба на хидроцентрали и конечно да се спречи ‘хидромафијата‘ да продолжи да гради“, вели Нгадљим Мехмети од движењето „Еко Герила“.

    За штетното влијание што нивната изградба го има врз околината, природата и луѓето зборува и податокот дека досега во Европа се урнати 400, а во САД преку 1.000 мали хидроцентрали.

    „Ние жителите на Вратница, Беловиште и Орашје веќе седум и пол години се бориме против изградбата на вакви мали хидроцентрали на Вратничка Река. Имаше многу притисоци врз нас, имаше обиди насила да почне изградбата, но ние не го дозволивме тоа. Досега четири пати излегувавме на барикади и не дозволивме механизацијата на инвеститорот да помине и да почне со изградбата. Позитивно е тоа што сите сме обединети, и Македонци и Албанци, и припадници од сите политички партии, со единствена цел да ја спасиме Вратничка Река, да ја спасиме природата, а со тоа и ние да се спасиме“, изјави Живе Ќировски од Вратница.

    За оваа недела, активистите од „Зелениот фронт“ најавија планинарски марш до месноста Лешница на Шар Планина, со цел чистење на ова познато и убаво излетничко место, но и да се изрази протест против изградбата на мала хидроцентрала на Лешница.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира