АЛИБИТО ДЕКА ГО КОЧИМЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ Е ЛАГА, РЕЧЕ ИЛИЕВСКА ОТКАКО МИЦКОСКИ ИЗЈАВИ ДЕКА НА ИЗБОРИТЕ ОЧЕКУВА МНОЗИНСТВО ВО БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ОТИ СЕГАШНИОТ ГИ ОПСТРУИРА ПРОЕКТИТЕ

    АЛИБИТО ДЕКА ГО КОЧИМЕ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ Е ЛАГА, РЕЧЕ ИЛИЕВСКА ОТКАКО МИЦКОСКИ ИЗЈАВИ ДЕКА НА ИЗБОРИТЕ ОЧЕКУВА МНОЗИНСТВО ВО БИТОЛСКИОТ СОВЕТ ОТИ СЕГАШНИОТ ГИ ОПСТРУИРА ПРОЕКТИТЕПретседателката на Советот Габриела Илиевска од Поинаку, по денешните обвинувања од премиерот, изјави дека единственото алиби кое го користи градоначалникот во изминатите четири години во кои не направил ниту еден капитален проект, е кажувањето дека е закочен од Советот, што за неа е манипулација со граѓаните. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски на престојните локални избори очекува ВМРО-ДПМНЕ да го добие мнозинството во Советот во Битола, зашто смета дека сегашното ја опструира и кочи работата на градоначалникот по било која цена.

    „Очекувам мнозинство во Советот кое ќе биде додадена вредност во работата на градоначалникот, а не како досега кое ќе прави опстукции и ќе ја кочи работата на градоначалникот по која било цена. За жал, поради тие опстукции и кочење не сме во можност да отпочнеме уште еден долгоочекуван проект, а тоа е спортската сала, но се надевам дека во следниот мнадат и тоа ќе го отпочнеме“, рече Мицкоски при денешната работна посета на Битола.

    ВМРО-ДПМНЕ во 2021 година успеа да ја преземе локалната власт, но немајќи доволен број советници, во Советот мнозинството го направи со назависната граѓанска иницијатива Поинаку. Но, за една година независните се повлекоа, незадоволни до динамиката со која се реализираа прокетите.

    Претседателката на Советот Габриела Илиевска од Поинаку, по денешните обвинувања од премиерот, изјави дека единственото алиби кое го користи градоначалникот во изминатите четири години во кои не направил ниту еден капитален проект, е кажувањето дека е закочен од Советот, што за неа е манипулација со граѓаните.

    „Најголем дел од одлуките донесени во Советот се едногласни, освен оние кои се на штета на граѓаните. Во врска со спортскиот комплекс, на 19 ноември 2021 година на втората седница од тогашниот нов Совет, изградбата на спортскиот комплекс кој беше предвиден во касарната беше изгласена едногласно, влезена во Развојна програма и издвоени средсства. Во декември 2022 година имаше конкурсно решение за идеен проект за мултифункционален комплекс, исто така беше едногласно поддржан од сите советници. Алибито дека некој го кочи е лага“, рече Илиевска.

    Таа додаде дека се манипулира со граѓаните зашто две и пол години се носеле одлуки за мултифункционален комплекс во касарната, а на последната седница се побара тој да биде на друга локација за која земјиштето уште нема таква намена.

    „Немавме точка за или против мултифункционален спортски комплекс, тоа е веќе изгласано, туку се гласаше за измена на Детален урбанистички план (ДУП)“, вели Илиевска.

    Од Општинa Битола по седницата одржана на 4 јуни, соопштија дека урбанистичкото решение кое го менува ликот на Битола и предвидува изградба на мултифункционален спортски комплекс во Нова Битола и развој на тој дел од градот не доби поддршка од советниците од СДСМ и Поинаку.

    Тони Коњановски, кој ќе биде кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и на престојните избори, денес пред премиерот изјави дека интензивно работат на инфраструктурни и капитални проекти, дека во градот има десетина градилишта, отпочната е работата на Спортскиот центар во некогашната боксерска, активности за дооформување на јужната трибина на Стадионот, три градинки се во изведба, се гради влезот на Битола од страната на Прилеп, а се очекува да почнат работите за прочистителна станица.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    МОЖЕ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА ОД НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ: 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира