Амар Мециновиќ е кандидат за градоначалник на Скопје на партијата Левица. Мециновиќ е актуелен пратеник во Собранието, а пред тоа беше член на Советот на Град Скопје.
„Јавниот превоз ќе ни биде примарен приоритет, потребни ни се нови автобуси и изнаоѓање на нов начин на јавен превоз. Исто така јавната чистота, борбата против загадување и носење на нов Генерален урбанистички план на градот ќе бидат мои приоритети. За сето ова ние се боревме како советничка група во Советот на Град Скопје изминативе 4 години. Левица сака да ги обедини сите кои се против ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, рече Мециновиќ на прес-конференцијата за објава на кандидатурата.
Претседателот на партијата Димитар Апасиев кажа дека партијата на овие локални избори ќе има рекордно учество. Кажа дека на минатите избори Левица имаше осум кандидати за градоначалници, оваа година ќе оди со над 20 и листи за советници во 62 Општини.
Кандидат за градоначалник на Скопје на ВМРО-ДПМНЕ е актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, а на СДСМ поранешната министерка за екологија Каја Шукова.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.