АМБАСАДОРОТ ТИМОНИЕ СО СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ЈА ПЕЕШЕ МАКЕДОНСКАТА ХИМНА НА ФРАНЦУСКИТЕ ГРОБИШТА

    АМБАСАДОРОТ ТИМОНИЕ СО СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ЈА ПЕЕШЕ МАКЕДОНСКАТА ХИМНА НА ФРАНЦУСКИТЕ ГРОБИШТАСпоменикот, изработка на средношколците од Ла Рокел од Кутанс, Нормандија, денес беше свечено откриен на Француските гробишта во Битола, а е првиот во Македонија на кого се испишани имиња на македонски војници кои загинаа во Првата светска војна (Фото: СДК.МК)

    Македонското знаме е исцртано на споменикот од длабен камен, уметничка изработка на средношколците од француската гимназија Ла Рокел од Кутанс, Нормандија. Споменикот кој денес беше свечено откриен на Француските гробишта во Битола е првиот во Македонија на кого се испишани имиња на македонски војници кои загинаа во Првата светска војна. Нивните имиња се испишани на македонски јазик.

    На свеченоста беа испеани химните од двете земји од француски и битолски средношколци. Францускиот амбасадор Кристиjан Тимоние им се приклучи на битолските средношколци во пеењето на македонската химна.

    „Изборот на бои и материјали е силен и зборува самиот за себе. Каменот од Каен зборува за потеклото на војниците, гранитот е присутен да ја фаворизира планината каде се бореле и ги видела како паѓаат сите овие војници. Идејата е да се впишат македонски имиња со цел да се фрли светлина врз страдањето на цивилите. Сето ова е полно со историја и го прави споменикот полн со симболика”, рече амбасадорот Тимоние.

    На комеморацијата присуствуваа и средношколци од француската гимназија од Кутанс, како и ученици од битолската „Јосип Броз Тито“, кои веќе неколку години соработуваат посебно на теми од Првата светска војна.

    „Особено ја ценам соработката меѓу учениците за да научат да живеат заедно. Македонија е пријателска земја која е засолниште на 16.000 наши познати и непознати војници”, рече амбасадорот.

    Пратеникот од француското Собрание Бертан Сор рече дека токму ваквите настани кои се темелат на историјата носат порака за соработка на младите кои во иднина ќе ја градат сплотена Европа.

    „Ова се млади луѓе кои ќе треба да ја изградат утрешна Европа на 21 век со споделена демократија и взаемна почит меѓу себе”, рече Сор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира