Во селата Камењане, Долно Палчиште, Калник и Синичане од општина Боговиње ќе се започне со монтирање на 2.800 водомери во рамките на проектот за одржливото користење на водата за пиење и зголемената ефикасност на системот на водоснабдување финансиран од УСАИД. Проектот, како што беше речено, се очекува да обезбеди контролирано и балансирано користење на водата за пиење во општината. Донацијата вредна над 4,5 милиони денари ја предаде амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли.
„За намалување на се поголемиот ризик од екстремни временски услови, потребни се нови, интегрирани пристапи кои ќе им помогнат на локалните заедници да се справуваат поефективно. Како што расте ранливоста на водните ресурси на климатските промени, така ние треба да развиваме поодржливи практики за управување и ефикасно користење на водните ресурси”, истакна Амбасадорот Бејли.
„Овде во Боговиње, како резултат на вашата работа со поддршка на УСАИД, не само што го подобривте водоснабдувањето, туку исто така, обезбедивте рационално и одржливо користење на водата за пиење. Ја зголемивте ефикасноста на целокупниот систем за водоснабдување во заедницата, а истовремено ги намаливте ризиците за вашата заедница од потенцијален недостиг на вода”, додаде тој.
Сепак, жителите на Долно Палчиште со недоумица гледаат на овој подарок.
„Не разбирам, како тоа ќе ни ставаат водомери, а ние се уште немаме чиста вода за пиење. Еве, пуштете вода од селскиот водовод и ќе видете каква вода тече од нашите чешми. Ние со години на ред не ја пиеме водата од водоводот бидејќи е неисправна, а посебно кога има пообилни дождови тогаш таа е полна со зејма и лисја“ револтирано вели Џабир од Долно Палчиште со кого разговаравме во кафулето близу до селската џамија. Тој ни го покажа филтерот за вода што го има поставено на чешмата во кафулето.
„Го исчистив филтерот пред два часа, а еве погледнете го сега како изгледа – целиот е со наслаги од кал. Оваа вода не можеш да ја пиеш. Освен за поливање на дворовите за ништо друго не можеме да ја користиме“, додава Џабир.
Жителите на Долно Палчиште со вода за пиење се снабдуваат од соседното село Новаке или купуваат вода во шишиња.
Дека водата од водоводот не е исправна за пиење потврдија и од Центарот за јавно здравје од Тетово.
„Центарот за јавно здравје 4 пати годишно врши анализа на водата во водоводот во Долно Палчиште и хемиските и биолошките анализи секогаш покажуваат дека водата во водоводот е неисправна за пиење. Водата не се хлорира, а каптажите не се одржуваат. Затоа забраната за пиење на водата тука важи постојано и тоа неколку години наназад. Проблемот лежи во човечката негрижа и во лошата изведба на водоводната мрежа која е плитко поставена и често пати доаѓа до кршење на цевките и навлегување на земја во нив“ ни изјави др. Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје во Тетово.
Од неодамна водоводот во Долно Палчиште премина под надлежност на ЈП од општина Боговиње, а нејзиниот градоначалник Хазби Идризи вели дека наскоро и овој проблем ќе биде решен.
„Проектот во селото е при крај и треба само да се каптираат водите. Точно е дека таму водата е нечиста, но ние мораме да инсталираме водомери, а кога ќе го доизградиме водоводот ќа има и чиста вода за пиење и инсталирани водомери“ изјави градоначалникот Хазби Идризи при превземањето на донацијата од УСАИД.
За овој пилог проект УСАИД придонесе со 4.503.209 денари (82.942 долари), a општината учествуваше со 2.712.727 денари (49.964 долари). Општинскиот удел од 38% во оваа инвестиција и активната вклученост во проектните активности ја одразуваат значителната посветеност и ангажман на општината во адаптацијата кон и ублажувањето на последиците од климатските промени. Зајакнувајќи ја локалната отпорност кон климатските промени, проектот го зајакна граѓанското општество поттикнувајќи граѓански активизам и посветеност на луѓето на заедничка работа за прашања од заеднички интерес.