АНСАМБЛОТ „РАСПЕАНИ ВЕЛЕШАНИ“ ПОЛА ВЕК ГО ЧУВА АМАНЕТОТ „ВЕЛЕШКАТА ПЕСНА НЕ СМЕЕ ДА УМРЕ“ НА АЛО ТОНЧОВ

    АНСАМБЛОТ „РАСПЕАНИ ВЕЛЕШАНИ“ ПОЛА ВЕК ГО ЧУВА АМАНЕТОТ „ВЕЛЕШКАТА ПЕСНА НЕ СМЕЕ ДА УМРЕ“ НА АЛО ТОНЧОВАнсамблот со 30 членови се состои од пејачка група и чалгија. (Фото: СДК.МК)

    Ансамблот „Распеани велешани“ годинава одбележува јубилеј 50 години постоење. Членовите на составот со нивната работа оставија силна трага во живеењето во градот, обнародувајќи многу заборавени велешки песни или други кои ги сочуваа од заборавот.

    „Ансамблот е еден од ретките во земјава кој сè уште постои и работи. Основна цел е зачувување на староградската песна и мелос. Од основањето во 1972 до денес, континуирано работи и дава голем придонес за популаризација на велешката песна“, вели Радица Абрашева, секретарка на ансамблот која ова работа ја извршува околу 30 години и заедно со претседателот Илија Смилев успеваат ја сочуваат полувековната традиција.

    „Распеани велешани“ беше формиран за потребите на музичката емисија „Распеани градови“ на Радио телевизија Скопје (РТС).

    „Тогаш се формираа состави низ повеќе градови во земјава, Охрид, Струга, Тетово, Ресен и драго ми е што во мојот Велес уште постои составот. Целта беше зачувување на староградската песна“, вели Кирил Вангелов, музички уредник во РТС, а подоцна и во Македонската радио телевизија (МРТ).

    Дел до составот биле Ало Тончов, Киро Анѓуш, Орце Ѓакот или Пала Дрнковица, Васа Пласкица, Веса Маџарица, чии гласови останаа запомнати. Тие заедно пееле во мешан женско-машки хор, по што за потребите на ТВ емисијата е формиран „Распеани велешани“. Така и дошле на идеја дека на Велес му треба и состав што ќе ја негува старата велешка песна.

    Ансамблот се состои од пејачка група и чалгија во чиј состав се музичките инструментите кларинет, дајре, виолина и џумбуш. Бројат околу 30 членови. Заедно ја претставуваат автентичната слика која нè враќа во минатото кога не можело да се замисли било каква веселба или радост во Велес без звуците на песната, музиката. Маре Димова е членка на составот 22 години.

    „Распеани велешани“ беше формиран за потребите на музичката емисија „Распеани градови“ на Радио телевизија Скопје (РТС). (Архивска фотографија)

    „Сите членови нè поврзува љубовта кон песната, конкретно кон староградската велешка. Уживам во песната, серенадите ми лежат на срце. Се дружиме со останати членови, пееме, настапуваме во други градови. Имаме наш настан, тој е секогаш вечерта спроти 8 Септември, Денот на независноста, кога ни доаѓаат гости од цела земја и учествуваме на Фолклорниот фестивал кој се одржува во Велес. Имам тетратка со стотина песни од кои 80 се велешки. Каква и мака да имаш, песната чисти се“, вели Димова.

    Наследството што им го оставил прочуениот Ало Тончов и аманетот „велешката песна не смее да умре“, тие љубоморно го чуваат.
    По реакциите на публиката најбарани се „Елено ќерко“, „Се посврши сербез Донка“ „Во Влашкото Маало“ и секако „На Којник дуќан да имам“, „Сејмен да шетам по Бузаана“, песни кои се поврзани со локални маала, лица и настани. Пејат и некои други, подзаборавени песни за Мара Акчиова, за Ленчето ‘Ржарово или „На сред Којник дрво јаворово“.

    На составот му треба подмладување и освежување како со луѓе така и со нови костими. Облеката што ја носат жените е во стилот на раните 1930-ти години, кога започнала и традицијата на староградската велешка песна. Тогаш велешани под многубројните јавори во вечерните часови седеле, муабетеле и пееле. Еснафот во градот, занаетчиството и врските со светот оставиле трага во музиката, по која се надалеку познати. За неа слушнал и турскиот султан, пред кого свирела велешката чалгија.

    Ансамблот за полувековното постоење има настапувано на повеќе манифестации како во Велес, така и низ Македонија, а пееле и во сите поранешни градови на Југославија. Секаде оставале одличен впечаток и добивале признанија. „Распеани велешани“ има издадено две лонг плеј плочи со 24 изворни староградски песни и ЦД со староградски песни и ора.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира