АПЕЛАЦИЈА МУ ЈА НАМАЛИ ЗАТВОРСКАТА КАЗНА ОД 18 НА 8 ГОДИНИ НА ПИЈАНИОТ ВОЗАЧ КОЈ УСМРТИ ДЕТЕ НА ПЕШАЧКИ ВО ВЕЛЕС И ПОБЕГНА

    АПЕЛАЦИЈА МУ ЈА НАМАЛИ ЗАТВОРСКАТА КАЗНА ОД 18 НА 8 ГОДИНИ НА ПИЈАНИОТ ВОЗАЧ КОЈ УСМРТИ ДЕТЕ НА ПЕШАЧКИ ВО ВЕЛЕС И ПОБЕГНАНиколов по изрекувањето на пресудата на 17 март годинава. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд од Скопје му ја намали затворската казна од 18  на осум години на возачот Ангелче Николов (28) од Велес, потврди Основниот суд Велес. Николов лани на 17 декември, возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и избега. Пресудата ја донесе апелацискиот Совет во состав м-р Ѓоко Ристов, претседател на советот, м-р Лирие Елези Ајрулау, Лидија Зимбовска, Енвер Беџети и Енвер Амзаи, членови на советот, со записничар Емилија Петрушевска, судски советник, во кривичниот предмет.

    Првостепената пресуда беше изречена во Основен суд Велес од петочлениот Кривичен совет, со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова.  Предметот се работеше и во текот на судската летна ферија, бидејќи беше притворски. Пресудата е правосилна.

    На Николов, кој во пијан на пешачки премин смртно ја повреди 11-годишната Магдалена Иванова, му се судеше за две кривични дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“. Телесни повреди доби и мајката на девојчето. Во моментите кога го возел „мерцедесот“ тој имал забрана за управување на возило.

    Останува изречената забрана за Николов за управување со моторно возило од „Б категорија“ во траење од 5 години. Сообраќајката се случи на 17 декември лани во 22:17 часот на пешачки премин близу ОУ „Васил Главинов“. По сообраќајката возачот Николов побегна од местото на настанот и 37 часа се криеше во населба Превалец.

    Вештачењето покажало дека возачот критичната вечер, во моментот кога се случила несреќата возел под дејство на алкохол и со брзина двојно поголема од дозволената на тоа место. Згора на тоа, сообраќајката се случила на обележан пешачки премин.  Николов призна вина за сторената сообраќајка, со смртни последици.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира