АПСЕЊА ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА ПОРАДИ СОМНЕЖИ ЗА ФИНАНСИСКИ ЗЛОУПОТРЕБИ НА 800.000 ЕВРА

    АПСЕЊА ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА ПОРАДИ СОМНЕЖИ ЗА ФИНАНСИСКИ ЗЛОУПОТРЕБИ НА 800.000 ЕВРАНеофицијално, Истрагата е насочена и кон раководни лица, а сомнежите се дека се направени злоупотреби со јавни набавки во вредност од 800.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    По наредби и насоки на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп постапува Управата за финансиска полиција во болницата во Прилеп. Од Обвинителството соопштија дека се преземаат дејствија во врска со постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреби во работата на болницата. Дејствијата се преземаат во моментов, а повеќе детали ќе бидат објавени в среда.

    Радио Пела, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека приведени се 27 лица поврзани со сомнежи за сторен криминал со тендери во работењето на Болницата. Истрагата е насочена и кон раководни лица, а сомнежите се дека се направени злоупотреби со јавни набавки во вредност од 800.000 евра.

    Во април годинава, ОЈО Прилеп соопшти дека постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а поврзано со финансиското работење на болницата. Тогаш беше изврешен претрес на осум локации, а дејствијата ги преземаше исто така Управата за финансиска полиција.

    Кире Јоноски, кој за директор на болницата беше именуван летото 2024, во неколку наврати има изјавено дека кога стапил на раководната функција забележал големи неправилности во финансиското работење. Тој тогаш изјави дека болницата ја наследил од претходното раководство во катастрофална состојба со огромен долг и обврски од речиси 193 милиони денари (над 3 милиони евра).

    Јоноски обвини дека, меѓу другото, се трошело на скапи телефони, поточно на најнови ‘ајфони’, на 73 мобилни броеви кои не биле сметководствено евидентирани. За 2024 година до август биле потрошени повеќе од 6 милиони денари (над 97.000 евра) со готовинско плаќање директно од касата на некои фиктивни лица. На пример, кеш било плаќано за косење трева без договор и платен данок. Се организирале родендени во игротеки и се плаќале од касата на болницата.

    „Затекнавме големи суми за ресторански услуги, репрезентации, фактурирани од повеќе ресторани од Прилеп, книжени на конто кујна во кое се подразбира храна за пациенти. Се јаделе пици, пастрмајлии, се пиеле виски и вино. Се плаќале високи аванси на фирми за споредни услуги, за едукација на медицински сестри, а ниедна медицинска сестра во болницата не знаела за тоа. Со еден збор, болницата била фирма за сè“, рече Јоноски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира