АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ШТО ИМ РЕКЛА НА ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА ЕБОР ЗА АВТОБУСКОТО МЕТРО КОЕ НАЈАВИ ДЕКА НЕМА ДА ГО ПРАВИ

    АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ШТО ИМ РЕКЛА НА ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА ЕБОР ЗА АВТОБУСКОТО МЕТРО КОЕ НАЈАВИ ДЕКА НЕМА ДА ГО ПРАВИОд кабинетот на Арсовска не кажаа ништо околу средбата со ЕБОР, а не беше испратено ниту известување дека таа се одржала, со оглед дека станува збор за најскапиот проект на Градот и за кој има голем интерес во јавноста и медиумите.  (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска во својот кабинет имаше средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за проектот Бас рапид транзит (БРТ) или воведување автобуско метро во Скопје. Како што најави Арсовска на првиот брифинг со новинари проектот БРТ нема да го продолжи и после состанокот со експертите од банката ќе каже повеќе датали.  Таа на тој брифинг кажа дека проектот нема да го реализира оти на изборите на граѓаните им ветила 250 еколошки автобуси и бесплатен превоз, а тој што им ветил БРТ изгубил.

    Денеска од кабинетот на Арсовска не кажаа ништо околу средбата со ЕБОР, а не беше испратено ниту известување дека таа се одржала, со оглед дека станува збор за најскапиот проект на Градот и за кој има голем интерес во јавноста и медиумите.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до кабинетот на Арсовска дали денеска имало средба со ЕБОР, дали градоначалничката им најавила на претставниците од банката дека ќе го раскине договорот и дали побарала пренамена на средствата.  Од таму го добивме одговорот: „Во наредниот период следат средби со ЕБОР, а во тек е анализа на документацијата за БРТ проектот во Град Скопје, по што ќе излеземе со конкретни одговори за јавноста“.

    Како што неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК на средбата со претставниците на ЕБОР Арсовска не кажала дека ќе го прекине проектот.

    Тендерот за избор на фирма за набавка на возила и спроведување на БРТ беше објавен на страната на ЕБОР кон крајот на октовмри. За реализација на овој проект Владата зема кредит од 70 милиони евра од ЕБОР. За време на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов неколку години се работеше на проектот, во кој беа вклучени и експерти од ЕБОР. Во рамките на ЕБОР, овој проект е заведен како зелен проект и се финансира во рамките на мрежата на зелени градови.

    „Скопје е прв град на Балканот кој воведува ваков проект. Речиси три години работевме на реализацијата на овој проект кој сметаме дека според концептот е најдобро решение за Скопје. Можеби ќе влијае на начинот на кој ќе доаѓате на работа во иднина, ќе има промени, но постигнато е многу и направено е решение кои во ЕБОР е бодирано со сребрен стандард“, рече Ијан Џенинкс, помошник директор на Европска банка за обнова и развој при презенатација на проектот во јули годинава.

    Според тендерската документација, трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина од 12,81 километри во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминали, во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Првата станица ќе биде кај Поликлиниката Ѓорче Петров, ќе се движи долж булеварот Партизански одреди. За приклучок во центарот на градот кај Соборниот храм ќе врти на булеварот Климент Охридски, па кон улицата Димитрие Чуповски. Потоа по булеварите Кочо Рацин, Кузман Јосифовски-Питу и Јане Сандански до улицата Февруарски поход во Ново Лисиче, каде ќе биде последната станица.

    Во тендерската документација се бара возилата да се движат по крајната лева лента и таа да биде одвоена од другите ленти, за да не може по неа да возат други возила или да се паркираат.

    „Проектантот треба да предвиди дека сообраќајната лента за движење на возилата на ‘Бас рапид транзит‘ (БРТ) во однос на останатиот моторизиран сообраќај треба да биде одвоена со посебни разграничувачи, со исклучок на крстосниците каде што треба да остане можност за мешање со останатиот моторен сообраќај“, стои во тендерската документација.

    Ако возилата се движат по крајната лева лента, тогаш автобуските станици ќе се постават во средишното зеленило и истите да се користат за двете насоки на движење. Во зависност од водењето на трасата на БРТ, проектантот да има предвид отворен или затворен систем на организација на автобуските настрешници.

    Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 на ден. Со имплементција на првата фаза се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фрекфенцијата на автобуси на 3-4 минути. Автобусите да бидат со хибриден погон и со должина од 18 метри. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути.

    Улицата Димитрие Чуповски по воведувањето на автобуското метро според проектот треба да се пренамени во пешачка зона, со дозволено движење само на возилата од јавниот превоз, кои би се движеле со брзина на пешак.

     

    А.АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира