АРСОВСКА И ДИРЕКТОРОТ НА „ВОДОВОД“ МИНОВСКИ НЕ ОДГОВАРААТ НА ПРАШАЊА ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА, ТУКУ СО ЗАКАНА ЗА ТУЖБА ПРЕКУ ИСТ АДВОКАТ ТВРДАТ ДЕКА СЕ ГРАДИ

    АРСОВСКА И ДИРЕКТОРОТ НА „ВОДОВОД“ МИНОВСКИ НЕ ОДГОВАРААТ НА ПРАШАЊА ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА, ТУКУ СО ЗАКАНА ЗА ТУЖБА ПРЕКУ ИСТ АДВОКАТ ТВРДАТ ДЕКА СЕ ГРАДИЗаканите за тужба од адвокатот Трајче Арсов стигнаа в недела, 25 мај, неколку часа по објавување на текстот, најпрво од име на директорот на „Водовод“ Тони Миновски, а по еден час и од име на градоначалничката Арсовска. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска и директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Тони Миновски преку адвокатот Трајче Арсов испратија закана за тужба до редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК за текстот „Пречиститената станица за Скопје требаше да биде проработи во 2025, но не само што не е готова, туку не се знае ни дали се гради“ објавен на 25 мај. Заканата за тужба стигна на 25 мај, недела, неколку часа по објавување на текстот.

    Најпрво, адвокатот Арсов испрати „демант и барање јавно извинување“ со закана за тужба во име на директорот на „Водовод“ Тони Миновски, а по еден час исто така „демант и барање јавно извинување“ со закана за тужба испрати и во име на градоначалничката Арсовска.

    Велат дека пречистелната станица се гради, а повеќе од две години фирмата изведувач не можеше да започне со работа бидејќи Општина Гази Баба и Општина Аеродром немаа донесено Детален урбанистички план (ДУП) за локацијата.

    Во текстот објавен на САКАМДАКАЖАМ.МК се вели дека капиталниот проект за Скопје, пречистителна станица за отпадни води на Вардар во вредност од 200 милиони евра, не само што не е готов, туку не се знае ниту дали е почната изградбата, бидејќи градоначалничката Арсовска и директорот на „Водовод“ не даваат никакви информации. Арсовска цел нејзин мандат не комуницира со медиумите, не свикува редовни прес-конференции, нема одржано ниту еден брифинг, не праќа соопштенија за редовни активности на градот.. За проектот пречистителна станица не соопшти дека е потпишан договор, не одржа прес-конференција за тоа, не викна новинари на почнување на градежните работи, ниту негде објавила или е испратено соопштение досега дека почната е градбата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 23 мај испрати прашања до кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска до каде е реализацијата на овој капитален проект, што досега е сработено и што се работи во моментов. Но, како и во целиот мандат на Арсовска, одговор на нашите прашања не добивме. На нашите телефонски повици не одговараше ниту директорот на „Водовод и канализација“ Тони Миновски, кој е четврти директор на претпријатието во мандатот на Арсовска.

    Но, неколку часа по објавувањето на текстот на 25 мај, во заканата за тужба од адвокатот Арсов во име на Арсовска се вели дека „не е точно дека изградбата на пречистителната станица не е започната. До сега се работеше на подготвителни работи на градилиште. Согласно програмата за работа, градбата ќе трае до ноември 2027 година, по што следи 2 години пробна работа до Ноември 2029 година. Во април оваа година е дадено Одобрение за градба и сега се во тек градежни активности кои можете да ги видите доколку сте биле на локацијата. По склучување на Договорот за изградба на пречистителната станица за отпадни води, повеќе од две години фирмата изведувач не можеше да започне со работа бидејќи Општина Гази Баба и Општина Аеродром немаа донесено Детален урбанистички план (ДУП) за локацијата каде треба да се гради пречистителната станица, изведувачот немаше пристапен пат, ниту можеше да извади одобрение за градење. Од кои причини толку долго време не бил донесен ДУП-от од овие две општини и дали тоа е намерно или не, не е познато“.

    Во заканата за тужба од адвокатот Арсов во име на Миновски се тврди дека „Изградбата на пречистителната станица е започната, проектот се одива според предвидената динамика, конзорциумот на фирми кои го добија тендерот работат активно на проектот“. Се повторува дека од непозати причини „по склучување на Договорот за изградба на пречистителната станица за отпадни води, повеќе од две години фирмата изведувач не можеше да започне со работа бидејќи Општина Гази Баба и Општина Аеродром немаа донесено Детален урбанистички план за локацијата каде треба да се гради пречистителната станица, изведувачот немаше пристапен пат, ниту можеше да се извади одобрение за градење“. 

    Во заканата за тужба од име на Миновски се вели и дека „Директорот на ЈП Водовод и Канализација Тони Миновски кој на функција е поставен од август 2024 година, уште првиот ден се ангажираше околу работата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води со цел да се осигура дека нема застој во работењето на Изведувачот и Надзорот и дека сите активности се одвиваат согласно предвидените рокови од договорот, со редовно следење на нивната работа преку (ПЕИ) Проектната единица формирано во рамките на ЈП Водовод и Канализација Скопје, а на барање на ЕИБ, чија основна цел е мониторинг и логистика на проектот за изградба на Пречистителната станица“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира