АРСОВСКА ЌЕ ГО ПРОДОЛЖИ ПРОЕКТОТ ЗА ЗАБАВЕН ПАРК, ВЕЛИ ДЕКА ГОДИНАВА ЌЕ ПРОРАБОТИ СО 7 РЕКВИЗИТИ КУПЕНИ ПРЕД 5 ГОДИНИ

    АРСОВСКА ЌЕ ГО ПРОДОЛЖИ ПРОЕКТОТ ЗА ЗАБАВЕН ПАРК, ВЕЛИ ДЕКА ГОДИНАВА ЌЕ ПРОРАБОТИ СО 7 РЕКВИЗИТИ КУПЕНИ ПРЕД 5 ГОДИНИСкопје нема забавен парк веќе 6 години. Влезот во стариот луна парк (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска ќе го продолжи проектот за изградба на нов забавен парк почнат од нејзиниот претходник Петре Шилегов. Во моментов се изработува проектната документација која треба да биде готова за 2 месеци по што ќе почне постапката за партерно уредување на просторот и набавката на новите 20 реквизити.

    „По Нова година ќе започне уредувањето на новиот луна парк, нема да чекаме уште 4 години. Ќе се пристапи кон монтирање на реквизитите кои се веќе набавени, а се вклопуваат и во новата проектна документација, за паркот да биде функционален. Дополнително ќе се набават 20 нови реквизити како што е предвидено со проектот“, рече градоначалничката Данела Арсовска.

    Скопје нема забавен парк веќе 6 години. Ексградоначалникот Петре Шилегов по доаѓањето на функцијата го прекина проектот почнат од неговиот претходник Коце Трајановски со образложение дека не е добар и дека во Скопје наместо луна парк ќе се гради забавен парк, на поголема површина и со многу повеќе реквизити за сите возрасти.

    Потоа беше изработена студија од италијанското архитектонско студио „Баса“ која беше презентирана во 2019 и подарена на Град Скопје. Со проектот треба да бидат вклопени седумте реквизити купени во времето на Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување нови 20, како панорамско тркало, ролеркостер, тајфун, пиратски брод, рингишпил.

    „Овој забавен парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Предвидено е поставување на забавни реквизити од кои дел се адреналински, најголемиот број се за деца и ќе има неколку семејни. Во просторот треба да се предвидат и пропратни содржини како „фуд корнер“, фонтана, билетара, продавница за сувенири, тоалети“, стои во тендерската документација за проектирање на забаваниот парк.

    Новиот забавен парк според проекциите на Градот ќе чини околу 12 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира