АРСОВСКА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ВРАЌАЊЕ НА ЌОСЕТО, ПО ВТОР ПАТ БАРА СОВЕТНИЦИТЕ ДА ИЗГЛАСААТ ДА СЕ ПОСТАВИ КАЈ ХОТЕЛ „КОНТИНЕНТАЛ“

    АРСОВСКА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ВРАЌАЊЕ НА ЌОСЕТО, ПО ВТОР ПАТ БАРА СОВЕТНИЦИТЕ ДА ИЗГЛАСААТ ДА СЕ ПОСТАВИ КАЈ ХОТЕЛ „КОНТИНЕНТАЛ“Споменикот на контраверзниот Андон Лазов-Ќосето беше поставен пред комплексот судови за време на владеењето на ВМРО=ДПМНЕ, а го отстрани ексградоначалникот Петре Шилегов. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска не се откажува од враќање на споменикот на контраверзниот Андон Лазов-Ќосето, кој беше поставен пред комплексот судови за време на владеењето на ВМРО=ДПМНЕ, а го отстрани ексградоначалникот Петре Шилегов.

    Оваа е вторпат Арсовска да предлага точка за враќање на Ќосето на седница на Советот на Град Скопје. Пред два месеца оваа точка беше на дневен ред, но не беше изгласана од советниците. На седницата на Советот која ќе се одржи в понеделник, на барање Арсовска оваа точка пак е на дневен ред. Исто како и претходниот пат и сега се предлага наместо пред комплексот судови споменикот да биде поставен на нова локација, до кружниот тек на булевар Александар Македонски кај хотелот „Континентал“.

    „Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана“, напиша Арсовска пред три месеци на својот фејсбук профил.

    Арсовска, неколку месеци по стапување на функцијата, кажа дека ќе го враќа споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953) со кама в рака, познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил и брата си. Во април годинава, достави барање до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на споменикот на истата локација од која беше тргнат.

    По ова, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ѝ одговори на Арсовска дека се обраќа на погрешна адреса односно треба да бара согласност за поставување на споменикот од Собранието. Според Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување на споменици се наоѓаат во Собранието, додека Општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира