АРСОВСКА СЕ ПРЕМИСЛИ, НЕМА ДА ГИ АСФАЛТИРА ПАТЕКИТЕ ВО ПАРК, КАЈ ЛАВИРИНТОТ ЌЕ СЕ СТАВИ ТАРТАН

    АРСОВСКА СЕ ПРЕМИСЛИ, НЕМА ДА ГИ АСФАЛТИРА ПАТЕКИТЕ ВО ПАРК, КАЈ ЛАВИРИНТОТ ЌЕ СЕ СТАВИ ТАРТАНДенеска на терен екипи од ЈП „Улици и патишта“ на дел од патеките почнаа да поставуваат ризла. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска, по реакциите во јавноста, се премисли и нема да ги асфалтира земјените патеки во Градскиот парк во Скопје. Вчера беше е асфалтирана патеката околу малиот лавиринт, а Градот најави дека ќе се асфалтираат вкупно 7.500 метри земјени патеки во овој дел од паркот. Денеска на терен екипи од ЈП „Улици и патишта“ работеа на патеките, односно на дел од нив почнаа да поставуваат ризла.

    Директорот на претпријатието Борис Настов, кој денеска наместо Арсовска го објаснуваше проектот, рече дека немало намера да асфалтираат земјени патеки туку погрешно било разбрана. На нашето укажување дека од кабинетот на Арсовска вчера прецизно  ни одговорија оти ќе се асфалтираат патеки кои биле со ризла зашто се кревало прашина и не можеле да се движат колички, Настов повторно тврдеше дека асфалт не бил предвиден.

    „Просторот околу лавиринтот ќе биде со тартан. Мора прво асфалт да се стави па после тартан. На патеките ќе има или ризла или речен камен и песок односно природни материјали“, рече Настов.

    Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ денеска пред Градскиот парк оджраа прес-конференција на која кажаа дека тие при средба со градоначалничката Данела Арсовска побарале ред работи со кои ќе им се олесни пристапот низ градот. Меѓудругото побарале и изведба на патеки во Градскиот парк за да може да имаат пристап до инклузивното детско игралиште.

    „По ризлата ние со колички и лицата со штаки не можеме да се движиме затоа побаравме да има алфалтирани патеки, за да може и ние како и останатите граѓани да имаме пристап“, рече Христина Проскоска од здружението „Мобилност“.

    На нашето прашање дали тие побарале сите патеки да бидат асфалтирани или само дел од нив за имаат пристап до инклузивното игралиште, ни рекоа дека тоа не било конкретизирано, но имаат разбирање за потребите на останатите граѓани и би прифатели да бидат асфалтирани само дел од патеките.

    Асфалтирањето на патеката кај малиот лавиринт и најавата за асфалтирање на сите земјени поатеки вчера наиде на жестоки реакции и кај граѓаните и кај стручната јавност. Укажуваа дека овој дел од паркот е стар повеќе од еден век и е природно наследство, и дека никојпат никому не му текнало да асфалтира тука зашто асфалтот ги зголемува температурите, особено лете кога се загрева од 48-67 степени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира