АРСОВСКА ТРЕТ ДЕН НЕ ВОВЕДУВА МЕРКИ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО, АВТОБУСИТЕ НЕ ВОЗАТ БЕСПЛАТНО

    АРСОВСКА ТРЕТ ДЕН НЕ ВОВЕДУВА МЕРКИ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО, АВТОБУСИТЕ НЕ ВОЗАТ БЕСПЛАТНОПокрај за Скопје, Владата во саботата донесе мерки и препораки и за Кичево, Кавадарци и Струмица, а во неделата за Гостивар. (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје трет ден не воведува мерки против загадувањето на воздухот. Владата во саботата донесе мерки и препораки за заштита на здравјето на граѓаните согласно информацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) дека квалитетот на воздухот во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10 честички. Во неделата мерки поради високо загадување беа воведени и во Гостивар.

    Но, ниту Град Скопје ниту другите Општини не објавија преземање на мерки за заштита на граѓаните од загадувањето.

    Денеска Владата ги укина препораките и мерките за Гостивар, Кичево и Кавадарци, бидејќи среднодневните концентрации на РМ10 суспендираните честички се под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3 и епизодата од два последователни дена. За Скопје мерките и натаму важат.

    Град Скопје откако ќе се прогласи високо загадување воведува бесплатен автобуски провоз и двојно се зголемува цената на паркингот со цел да се дестимулираат граѓаните да одат со возила на работа. Но, од саботата Град Скопје не објави дека на сила стапуваат мерките кои се во нивна надлежност. Денеска во автобусите на ЈСП се плаќаше, а на паркиралиштата цената не е зголемена.

    Град Скопје покрај бесплатниот превоз, го зајакнува инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје, носи одлука за ограничување на градежни активности на објектите во надлежност на Град Скопје, интезивна контрола на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината, а врши и зачестено машинско миење на градските улици и булевари.

    Од Град Скопје и ЈСП не добивме одговор зошто не се активирани мерките за загадувањето и не е воведен бесплатен автобуски превоз.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира