Градот Скопје од синоќа почна вонредна акција за чистење и дезинфекција на Општина Шуто Оризари заради спречување на ширење на зарази и загрозување на животната средина на жителите, а градоначалникот Курто Дудуш доби 7 кривични пријави, соопшти градоначалничката Данела Арсовска.
Инспекторите на градот Скопје вчера со асистенција на Интервентна полиција, констатирале дека Дудуш поставил свои приватни контејнери на општинските улици, а на граѓаните им наплаќа за чистење на отпад на парагон блокче.
„Потоа, иако знаел дека е незаконски, отпадот го складирал на свој имот односно приватна парцела во негова лична сопственост со која си склучил договор и ја дал под закуп на Oпштината. Отпадот кој го собирал спротивно на закон и си наплаќал за истото, потоа наместо да го одложи во единствената акредитирана депонија ‘Дрисла’ тој со истиот си направил приватна депонија. За ова веќе се утврдени соодветни противзаконски дела, составени се записници и поднесена е пријава со која дополнително се бара одговорност за загадувањето со канцерогени материи, со што Дудуш директно го загрозува здравјето на граѓаните на градот Скопје“, стои во соопштението од Град Скопје.
Оттаму апелираат до надлежните органи итно да ги преземат сите соодветни мерки за санкционирање на Дудуш, а градот Скопје „стои на располагање за дополнителни појаснувања и достава на сите докази со кои располага за утврдениот екоцид во режија на Дудуш“.