АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ЦЕМЕНТАРНИЦА „УСЈЕ“ ГО ЗАГАДУВА СКОПЈЕ И ПРЕЗЕЛА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА

    АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ЦЕМЕНТАРНИЦА „УСЈЕ“ ГО ЗАГАДУВА СКОПЈЕ И ПРЕЗЕЛА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВААрсовска кажа дека биле измерени три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата. (Фото: Град Скопје)

    Градоначалничката Данела Арсовска денеска кажа дека цементарницата „Титан УСЈЕ“ во скопска Кисела Вода го загадува воздухот во Скопје и затоа поднела кривична пријава. Арсовска на денешната прес-конференција рече дека во соработка со Министерството за животна средина, изминатиот месец Град Скопје самостојно и во здружена акција извршиле мерења на испустот на гасови од работењето на објектот. При извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката биле забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на воздухот.

    Мерењата се извршени во два наврати, и тоа на 26 и 27 декември минатата година, и 3 и 4 јануари годинава. Во двата наврати измерени се огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го загадуваат и нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух. Конкретно, во месец декември минатата година, измерени се три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, а слични резултати добивме и при мерењето кое е извршено на почетокот на овој месец. Дополнително, за загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx, при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711,9 милиграми на метар кубен. Поради ова, како градоначалник на градот Скопје преземав иницијатива за покренување на кривична постапка против цементарницата „Титан УСЈЕ“ согласно член 218, член 230 и член 234 од Кривичниот законик“, рече Арсовска на прес-конференцијата.

    Арсовска кажа дека „граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении нè трујат, обидувајќи се со донации по Општините, коруптивно однесување и најразличен вид на влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања.

    Прашана дали се казнети и други капацитети и индустрии, Арсовска рече дека има и други казнети, но не кажа кои се тие.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира