Двата капитални проекти за Скопје кои се финансирани со европски пари и се вредни 206 милиони евра се загрозени откако на градоначалничката функција е Данела Арсовска. По откажувањето на проектот Бас рапид транзит или автобуското метро за кое од Европската банка за обнова и развој е земен кредит од 70 милиони евра, сега загрозен е и еден од најскапите проекти на Градот, проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води со вредност од 136 милиони евра. Овој проект е финансиран од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
По скандалот и караницата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ за местење на тендерот, од Европската инвестициска банка изјавија дека ваквите случување може да загрозат процесот на достапност на средствата. Арсовска го обвини Перински дека не ѝ давал никакви информации за процесот. Не сакал да ги смени членовите на комисиите иако тоа го побарала таа од него, што кај неа создало сомнеж дека го мести тендерот. Перински одговори дека во оваа фаза од процесот кога е стигнато до евалуација на двете понуди не се препорачува да се менуваат членови на комисиите, а таква сугестија добил и од европските банки кои досега немале никакви забелешки за водењето на тендерската постапка.
„Обидите да се ревидира стратегијата за набавки без соодветно оправдување во оваа фаза од процесот на евалуација, или неусогласеноста со важечките принципи за доверливост, може да предизвика значително одложување во процесот на набавка и на тој начин може да ја загрози достапноста на средствата“, изјавија пред четири дена од Европската инвестициска банка додавајќи дека досега процесот се одвивал во согласност со правилата за јавни набавки на банката.
По ваквата изјава од Европската инвестициски банка Арсовска повторно тврдеше дека Перински го местел тендерот, но не даде објаснување на новинарските прашања како понатаму ќе се спроведе тендерот, дали тој ќе се поништи со оглед дека се сомнева дека во досегашните постапки тој се местел и дали ќе се почнува целосно нова постапка..
„Може само да се одложи процесот. Во многу процедури коишто се одвивале во Македонија каде имало странски финансирања процесите се одвивале добро, но криминалите сме ги гледале отпосле. Подобро е процесот да се одвива со динамиката која е потребна и да се превенира во делот каде гледаме дека се прави самоволието, отколку да има далекусежни последици, не само кон Градот туку и кон државата“, рече Арсовска.
На прашањето како таа се сомнева во процесот кога од Европската инвестициска банка соопштија дека го следеле секој чекор и дека тој се одвивал согласно правилата за јавни набавки, Арсовска рече дека не сака да коментира бидејќи се сомнева во податоците кои се доставувале до банката од разрешениот директор Перински.
По стапувањето на функција Арсовска кажа дека нема да го прави Бас рапид транзит системот или автобуското метро за кое од Европската банка за обнова и развој државата зема кредит од 70 милиони евра. Процесот беше почнат од ексградоначалникот Петре Шилегов и Град Скопје изработи проектната документација, а беше и распишан тендерот за избор на фирма изведувач. Но, Арсовска го поништи тендерот и оттогаш како и на сите прашања не одговара конкретно што ќе се случува понатаму со овој проект. Во меѓувреме државата плаќа годишно по 350.000 евра камата за неискористување на парите од кредитот.
А. АНТЕВСКА