По четири и пол месеци откако беа констатирани деформации на асфалтот на новиот кружен тек кај Ветеринарната станица во Битола, денес започнаа градежните работи за корекција. Од Општина Битола соопштија дека, како што кажал и претходно градоначалникот Тони Коњановски, корекциите кои вклучуваат гребење на афалтот и преасфалтирање ќе бидат извршени на трошок на изведувачот кој е приватна компанија.
Кружниот тек во чиј центар треба да биде поставен споменикот на Александар Турунџев, беше асфалтиран во ноември минатата година, а само по два месеца се деформираше асфалтот.
Додека траат работните активности, сообраќајот на овој дел од улица Прилепска и Баталјон Стив Наумов ќе се одвива според воспоставениот времен режим.
Градежната интервенција се случува во период кога на само двесет метри погоре од овој кружен тек е затворен дел од крстосницата на улиците Филип Втори Македонски и Баталјон Стив Наумов, заради поставување инфраструктура за топловодот. Поради сето ова, отежнето се одвиваа сообраќајот во овој дел од градот кој е доста прометен.
Ж. ЗДРАВКОВСКА