Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески не се провози во лифтот што го градеше неговиот претходник Александар Петрески. Лифтот се наоѓа во новата зграда од Општината што почна да се гради во 2011, кога прв човек на градот беше Петрески, а ја доврши Бакрачески иако досега нема технички прием.
Лифтот во новиот дел на општинската зграда предизвика многу шпекулации. Некои охриѓани велеа дека лифтот е направен за да може Бакрачески директно од гаражата на објектот преку него да стигне до својот кабинет без да се сретне со граѓани. Средбите, наводно, ги одбегнувал за да не одговара на прашањата на охриѓани за некои ветувања што им ги дал.
„Лифтот сѐ уште не е во функција, па според тоа градоначалникот не може да го користи. Тој не ги одбегнува граѓаните, туку од гаражата во новата општинска зграда каде се паркира неговиот автомобил директно стигнува до свој кабинет. На новата зграда сѐ уште не извршен технички прием, таму има само неколку канцеларии во кои работаат општински службеници“, велат од локалната самоуправа.
Д. ЧУБРИЌ