Шестмина мигранти кои се нашле сред страотниот оган на граничниот премин Богородица, вчера биле приведени и испитувани во Гевгелиската полиција под сомневање дека можеби тие го причиниле пожарот.
„Група мигранти вчера трчајќи дошле во караулата на АРМ во момент кога пламнал големиот пожар. Тие биле приведени и однесени на испрашување во полициската станица Гевгелија. Извршени се детални проверки, луѓето немаат врска со избувнувањето на пожарот. Во разговорот со нив, утврдено е дека овие илегални мигранти всушност бегале од пожарот кој најверојатно првин избил на грчката страна, односно во меѓуграничниот појас. По проверките тие се пуштени од полицијата, без вина дека го причиниле или подметнале пожарот, и со нив ќе се постапи според законот. Ќе бидат вратени во Грција, откај што дошле“, изјавија од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Во попладневните часови вчера на ГП Богородица беше хаос. На над 42 степени целзиусови и силен ветар како жежок фен, се издигна огромен пламен кој дојде до караулата и хотелот казино „Фламинго“. За среќа беше локализиран, а потоа и изгаснат.
Сè уште нема официјални информации како изби пламеното жариште на границата со Грција.
С. К. ДЕЛЕВСКА