БЕСПЛАТНИОТ ПРЕВОЗ ВО КУМАНОВО ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДО КРАЈОТ НА ОКТОМВРИ И ЌЕ ЧИНИ УШТЕ 360.000 ЕВРА

    БЕСПЛАТНИОТ ПРЕВОЗ ВО КУМАНОВО ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДО КРАЈОТ НА ОКТОМВРИ И ЌЕ ЧИНИ УШТЕ 360.000 ЕВРАБесплатниот превоз во Куманово започна пред година и пол и досега се потрошени над 1,5 милиони евра општински пари. (Фото: СДК.МК)

    До крајот на октомври ќе трае бесплатниот градски превоз во Куманово. Мнозинството во Совет на Општината на последната седница ја изгласа одлуката субвенционирањето на jaвниот превоз да продолжи уште 4 месеци со вкупна вредност од 22 милиони денари, и покрај обвинувањата на опозицијата дека таа не ги дала очекуваните резултати. Бесплатниот превоз во Куманово започна пред година и пол и досега се потрошени над 1,5 милиони евра општински пари.

    Опозицијата потсети дека бесплатниот превоз сè уште не е достапен за сите граѓани, нема линии во сите делови на градот, а не се поставени ни нови автобуски постојки како што се ветуваше. Посебен проблем е што автобусите се преполни поради непродуктивни возења на патници кои имаат слободно време, па без превоз остануваат граѓаните кои имаа вистинска потреба и одат на работа.

    „Во образложението на одлуката за продолжување на субвенционирањето на јавниот превоз е наведено дека таа ќе влијае на подобрување на семејниот буџет, намалување на сообраќајот во централното градско подрачје и ќе се намали загадувањето. Истото беше кажано и кога за прв пат се носеше оваа мерка, поради што добивте поддршка од сите советници, но сега се гледа дека ништо од тоа не е исполнето. Во меѓувреме, не добивме ниту една анализа која ќе покаже дали оваа мерка ги дала очекуваните резултати. Друг проблем е што дел од граѓаните се дискриминирани затоа што немаат можност да го користат превозот, а учествуваат во полнење на општинскиот буџет“, кажа советничката Арта Мехмети од ДУИ.

    Таа побара локалната власт да не се луксузира, туку да ги решава елементарните проблеми во општината, кои се недопустливи во 21 век, како што се немање на фекална и атмосферска канализација, вода за пиење, асфалтирани улици, тротоари и подобри услови во училиштата, отколку да спроведува популистичка мерка која не е во интерес на граѓаните.

    Миле Андоновски од Партијата на пензионерите побара објаснување зошто мерката се носи ретроактивно, односно, таа се гласаше на 3 јули, ќе стапи на сила со денот на објавување во Службен гласник, а ќе се применува од 1 јули.

    „Кој е тој авторитет кој може да влијае предвреме? Пред донесување на одлука превозот продолжи да функционира бесплатно и на 1, 2 и 3 јули. Кој е тој што може да го засени авторитетот на органот кој е надлежен за носење на вакви одлуки. Во правото постои дека се применува поповолниот закон, но ние сме Совет, не носиме закон, туку донесуваме одлука за трошење на пари на граѓаните. Не знам дека постои во пракса ретроактивност во прифаќање на обврски на недонесена одлука. Кој е мотивот на превозниците да возат без пари, ако некој претходно не им кажал ‘не се секирајте, ќе ви биде платено’“, запраша советникот Андоновски, кој кажа дека ќе ја подржи одлуката само доколку се воведе персонализирано субвенционирање на превозот.

    Советниците на власта од партијата на Максим Димитриевски ЗНАМ и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ не ја бранеа мерката од нападите ниту се вклучија во дискусијата, туку само гласаа за неа.

    Бесплатниот градски превоз во Куманово започна на почетокот на 2023 година, неколку пати се продолжуваше на 3 или на 6 месеци и требаше да трае до крајот на јуни годинава. Минатата година за превозот се потрошени над 1 милион евра, од почетокот на годината 500.000 евра и уште 360.000 евра до октомври. Граѓаните се поделени за оправданоста на оваа мерка, додека едни ја фалат, други ја сметаат за непотребна, бидејќи нерационално се трошат јавни пари на штета на многу сериозни инфраструктурни проблеми кои ги има општината.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира